Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен до крајот на месецот ќе ја посети Македонија, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски додавајќи дека имало такави најави и од францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше во посета на Албанија по Самитот на Берлинскиот процес.
-Претседателката на Европската комисија ќе ја посети С. Македонија, до крајот на месецов, а претседателот Макрон неколку пати изрази желба и тоа јавна дека во некоја од неговите посети ќе ја посети нашата земја. Јас имав неколку средби со него, како и претседателот на државата, рече Ковачевски, кој беше во посета нa компанијата „Вивакс“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Македонија и Албанија ќе бидат одвоени во декемврскиот самит, Ковачевски рече дека ние еднаш се разделивме од Хрватска кога не носевме одлуки и оти истите тие кои не ги носеа одлуките сега се против одлуките за европските интеграции. Ние со Хрватска, додаде тој, почнавме заедно, тие се сега дел од ЕУ, воведоа евро и се дел од Шенген зоната.
Зборувајќи за позицијата на Франција рече дека таа е за проширување во овој геополитички момент во Европа.
-Ако погледнете во однос на поддршката која ја дава Франција тогаш да не заборавиме дека нашиот предлог за преговарачка рамка е изработен во рамки на француското претседателство по цели 17 години чекање така што ако зборуваме за курсот на Франција за проширувањето тогаш од сите изјави на претседателот Макрон и од министри кои ја посетија Северна Македонија се работи за држава која е за проширување во овој геополитички момент во Европа, рече премиерот Ковачевски.
Процесот на проширување, според него, е отпочнат и се надева дека ќе биде завршен. Посочувајќи на пораките од Самитот на Берлинскиот процес во Тирана, Ковачевски рече дека сите можевме да се увериме во она што го кажаа сите претставници на ЕУ, како и на прес-конференцијата што ја имаше францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговата билатерална посета на Албанија, дека процесот е отворен, дека на него се работи и тој ќе биде практично во две патеки – едната е ЕУ да се подготви до 2030 за прием на нови земји членки со оглед на тоа дека треба да функционира со повеќе земји – членки, а од друга страна државите да ги исполнат своите обврски.
-И тоа значи дека оние коишто побрзо ќе ги извршат, направат своите обврски, коишто побрзо ќе ги направат реформите тие први ќе влезат во ЕУ. Јас се надевам дека С.. Македонија ќе ја задржи својата лидерска позиција во делот на европските интеграции во регионот и дека нема да се случи она што не посакувам да се случи, а тоа е да другите земји отидат пред нас, а ние да останеме во група на Косово и БиХ. Со сета почит кон државите, меѓутоа сметам дека ние како држава согласно сите перформанси сме на повисоко ниво и заслужуваме да бидеме земја која прва ќе влезе во 2030 година во ЕУ. Повторувам уште еднаш, сега од нас зависи, не зависи од никој друг, истакна премиерот Ковачевски.