Референдум за евроинтеграциите и билатералните прашања со Бугарија е неприфатлив за власта- повтори денеска премиерот Димитар Ковачевски. По повикот на опозицискиот лидер Мицкоски да седнат на иста маса и да го договорат референдумското прашање, Ковачевски вели дека собраниското мнозинство веќе се изјаснило околу преговарачката рамка и тоа е јасна порака за продолжување на процесот. Единство околу запирање на преговорите со Европската Унија има само помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, смета Ковачевски.

Премиерот додава дека земјава ги почна преговорите со заштитен македонски јазик и идентитет, а доколку ВМРО-ДПМНЕ е против евроинтеграциите, вели тоа треба јасно да го кажат пред јавноста. Ковачевски рече дека уставните измени се следниот чекор и сега се зависи од Македонија.

Ако власта верува дека нема ништо спорно во процесот, зошто има проблем да излезе на референдум и да го промовира тоа – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Доколку тие одлучат да не го поддржат, тоа ќе значи дека се плашат од народот и дека единствена цел им е на сила да го протуркаат концептот за бугаризација и асимилација, за само да останат ден повеќе на власт. Власта има можност да

покаже разум, и да го прифати референдумот. Народот е тој кој одлучува. – велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека потегот на претседателот Пендаровски, кој даде предлог за евентуланото рефенредумско прашање, е добар почеток.

И покрај тоа што пратениците се на летен одмор и седниците се на пауза во текот на август, партиите влегоа во кампања за локалните избори во Маврово-Ростуше и Центар Жупа. На 20ти август ќе имаат трет обид за избор на градоначалници, откако првиот пат не стигнаа до цензус на излезени гласачи, а вториот пат се откажаа за да не се повтори истото сценарио. Истиот ден Тетово пак ќе има избори за советници, бидејќи последниот состав не успеа до ја усвои завршната општинска сметка.