САД биле, се и ќе бидат со нас во текот на сите клучни процеси за демократскиот напредок на земјата, од независноста до денес и се најголем поддржувач на остварувањето на двете клучни стратешки цели на државата а тоа е членството во НАТО, кое што го остваривме и она што следи, членството во ЕУ, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој е во посета на Скопје.
Тој информираше дека на денешниот состанок разговарале за развојот на настаните и процесот во однос на нашиот еврооинеграциски пат, како и за отпочнување на уставните измени. Нов договор, како што рече, нема да има, ниту ќе има можност за репреговарање на преговарачката рамка.
-Нов договор нема да има, ниту ќе има можност за репреговарање на преговарачката рамка, како што некои политичари истакнуваат. Она што ние треба да направиме како политичко лидерство е да обезбедиме непречен процес на зачленување на … Македонија во полноправно членство во ЕУ. По членството во НАТО, … Македонија треба да стане членка на Европската Унија, бидејќи Европската Унија е нашата единствена алтернатива и директен интерес на граѓаните и барање на граѓаните, рече Ковачевски.
Тој изрази благодарност за придонесот на САД во сите процеси, како и за личните заложби на Ескобар, како во однос на развојот на Македонија, така и во неговите лични заложби за унапредување на регионалната стабилност на Западен Балкан.