Со економска и енергетска криза човек не може да се избори преку телевизиски изјави и интервјуа, туку само со напорна работа, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања откако ги посети фабриките „Подгорка” во Струга и „Органска буковка ДОО“ во Охрид.
Ковачевски уште еднаш апелира граѓаните да не стравуваат зашто, како што рече, струја и парно ќе има.
-Граѓаните не треба да стравуваат зашто електрична енергија ќе има, а и жителите на Скопје нема да останат без топлинска енергија. Работиме во услови на исклучително голема криза, цените на енергенсите се менуваат на дневно ниво. Сега, на пример, има пад на цената на горивата, но не ја гледам опозицијата да каже дека за седум до девет денари е намалена цената, а кога ќе се зголеми два денара не може да ги симне човек од прес-конференции. Само се потврдува правилото дека со економска и енергетска криза човек не може да се избори преку телевизиски изјави и интервјуа, туку само со напорна работа, рече премиерот.