Цената на струјата е загарантирана до декември. Од јануари следи покачување и за тоа треба да сме свесни, но за колку никој не знае- вели генералниот директор на АД ЕСМ Ковачевски за ТВ21. Рестрикции, додава, нема да има. Нема простор за паника како што се прикажува ситуацијата во јавност според него, бидејќи двата блока на РЕК Битола работат, а можеме да сметаме и на ТЕЦ Неготино.
„Во декември треба да направиме план, програма за производство за следната година. Ќе се ориентираме според трошоците зголемени во однос на зголемената енергија на ресурси, репроматеријали и ќе формираме цена која ќе ја доставиме до Владата. Владата ќе ни даде задолжение. Цената на електричната енергија ја одредува Регулаторна комисија. Ние 33% учествуваме во цената. Ние ќе гледаме да одиме со најниска производна цена, но да бидеме свесни дека нема да одиме со истата цена од оваа година. Ќе има покачување на цената но не можам ни јас да кажам, ниту некој друг колку проценти ќе биде“, истакна Васко Ковачевски.
Од друга страна првиот човек на МЕПСО Куштрим Рамадани вели дека ситуацијата е алармантна, како компанија која секојдневно е соочена со одржување на стабилноста. На почетокот на август побарал неформален состанок со Регулаторната комисија за енергетика на којшто се обидел да ги убеди колегите дека ќе ни претстои тешка зима.
„Околу 4.500 мегават – часови е разликата помеѓу производството и потрошувачката дневно, значи ни фали производство, ни фали енергија во мрежата. Тоа се околу еден милион евра вредна струја дневно, според сегашните цени на европските берзи. Ние, бидејќи не можеме да произведеме колку што трошиме, повлекуваме од европската мрежа, значи нашиот дебаланс во мрежата, го пренесуваме во европската мрежа, што не би смееле да го правиме“, вели Куштрим Рамадани.