Премиерот Димитар Ковачевски имаше средба во Владата со американската амбасадорка во Македонија, Кејт Мари Брнз, на која разговараа за ситуацијата во Украина при што истакнаа дека воената агресија на Руската Федерација на една суверена земја е сериозна закана за мирот и безбедноста во Европа и во светот која како таква ја оцени огромен дел од меѓународната заедница.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата беше истакнато дека во ова време на кризна состојба во светот вредноста и придобивките од членството на Македонија во НАТО, и од стратешкото партнерство со САД се од исклучително значење.
Премиерот Ковачевски во разговорот со амбасадорката Брнз ги презентираше мерките на Владата за справување со последиците од економската и енергетската криза, кои дополнително се усложнуваат со војната во Украина, и истакна дека станува збор за сеопфатни мерки таргетирани да ја заштитат социјалната сигурност и стандардот на граѓаните, како и да обезбедат стабилни услови за работа на компаниите.
Амбасадорката Брнз нагласи дека сегашната безбедносна криза во Европа укажува на потребата од континуиран фокус на регионот и на Македонија, вклучувајќи ја и Европската интеграција на земјата.