Иако сме секуларна држава, одлуката за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е историски момент и има огромни импликации за иднината на нашата држава, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање од Даниела Колева од СДСМ.
– Јас ова мое мислење го споделив и со архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан на вчерашната средба што ја имавме, бидејќи со неа се затвори последното идентитетско прашање во остварувањето на историското заслужено и природно право, православните верници во Северна Македонија да имаат канонски признаена и прифатена црква од заедниците во целиот православен свет. Тоа е според мене историска одлука за нашиот православен македонски народ, рече Ковачевски.
Македонските граѓани, но и македонските владици и целото свештенство, вели тој, со декади беа трпеливи и истрајни да дојдеме до денот кога практично беше обзнанет почетокот на постапката за остварување на автокефалноста на нашата православна црква.
– Во историскиот чин за прифаќањето на МПЦ-ОА како канонска и автокефална црква, се вградени и големите дела на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент, но и на сите историски црковни достојници, кои ја претставувале нашата црква пред граѓаните. Во носењето на оваа одлука учествуваа и редица наши истакнати дејци во историјата и во нашето современие и тие исто така сите заедно гледаат афирмација на решение на идентитетското финално прашање на македонскиот православен народ. Од духовните плодови и придонесите кои нашите големци во историската низа на нашиот континуитет го правеле, денес Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој нема повеќе дилеми и никој повеќе не го оспорува, рече Ковачевски.
На оваа одлука Ковачевски гледа и како надоградување на традиционалното добрососедство со Република Србија и српскиот народ, а тоа, според него, е и гест на подадена рака на заеднички просперитет на нашите држави и граѓани и чин кој покажува како треба во регионот да се градат односите на држави и граѓани кои одат напред.