Денешната седница на Собранието, на чиј дневен ред беа пратенички прашања, беше добра шанса за премиерот Димитар Ковачевски и максимално ја искористи да одговара на „тешки пратенички прашања“ од сопартијците и коалиционите партнери.
Ковачевски, само на три прашања на сопартијката Даниела Колева, постигна три „ефектни политички погодоци“, а тоа во фудбалот, што премиерот обожава да го гледа заедно со спикерот Талат Џафери, се вика хет-трик.
Ковачевски од собраниската седница за пратенички прашања го поздрави постигнатиот договор меѓу Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, нагласувајќи дека социјалниот дијалог со синдикатот не бил прекинат и додека траел штрајкот, а Владата не ангажирала заменски наставници како што тоа се случувало во минатото.
Во одговор на прашање на пратеничката Колева од СДСМ, Ковачевски истакна дека со договорот е постигнато историско зголемување на платите на наставниците и просветните работници од 15 отсто и заедно со 21 процент во изминатите години покачувањето кумулативно е над 36 отсто. Тоа е зголемувањето за пет години, рече премиерот, наспроти 4 отсто во период од претходните десет години кога за време на штрајк се носеа и заменски наставници.
-Единствен начин да се постигне договор меѓу Синдикатот и Владата е преку социјален дијалог и од тоа не отстапивме и ниту во еден момент не го спречивме штрајкот. Му кажав на претседателот на СОНК дека се поминати времињата кога се носеше закон за носење заменски наставници и кога третманот на наставниците и образовните работници во време на штрајк беше исклучиво со партиски и политички притисоци, рече Ковачевски, додавајќи дека Владата покажала оти може да ги користи законите со кои се доаѓа до заемно прифатливи решенија и во сферата во која се регулираат работничките права.
Претседателот на Владата посочи и дека методологијата во договор со синдикатот нема да биде насочена на зголемување на платите само врз основа на трошоци на живот и зголемувањето на просечната плата, туку и врз основа на продуктивноста и ефикасноста на работењето зашто овде, како што рече, се работи за јавен сектор.
-Точно е дека треба да имаме зголемување на платите во образованието, точно е дека треба да продолжат инвестициите во образованието и тие продолжуваат зашто на минатата седница на Владата е донесена новата Програма за инвестиции во образованието, но точно е и дека треба да се подобрат резултатите во образованието. Ако ги погледнеме резултатите од ПИСА-тестирањето и низа други споредбени резултати со други држави, има многу што да работиме. Значи, треба да разговараме за плати, но и за унапредување на образованието, нагласи Ковачевски од собраниската говорница.
Од областа на образованието беа и прашањата од пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ до ресорниот министер Јетон Шаќири.
На нејзиното прашање зошто Државниот испитен центар (ДИЦ) не закажува испити за кандидати за директори на училишта, кои веќе уплатиле за испитот и им истекува лиценцата што мора да ја обноват, Шаќири одговори доколку има доцнење ќе бара одговорност од директорката на ДИЦ и дека на почеток на јуни е предвидено да има испити.
-Ќе го видам бројот на апликанти, но не верувам дека е во број што вие го напоменавте, рече Шаќири на укажувањето на пратеничката дека се работи за над сто луѓе кои веќе имаа и протест.
Во врска со нејзиното прашање дали тој ја поддржува концепцијата што ја промовираше неговата претходничка Мила Царовска и дали е за целосна дигитализација или и за употреба на печатени учебници, министерот одговори дека концепцијата треба да продолжи и во наредната учебната година со нови наставни програми за второ и за петто одделение.
Посочи дека е завршен конкурсот за автори за новите наставни програми и дека освен печатени поддржува да има и дополнителни дигитални материјали за учениците во основно образование.
-Треба да се види и подготвеноста на училиштата и дигиталната инфраструктура што ја имаат и кои услови треба да се исполнети за да имаат и печатен материјал и дигитални содржини за надополнување на наставната програма, додаде Шаќири.