Изминативе пет години, Владата предводена од СДСМ изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, значи двојно повеќе од претходниот 10 годишен период, кога биле направени само околу 650 километри, рече премиерот Димитар Ковачевски при увидот на работите на автопатот Кичево-Охрид.
Тој додаде дека е среќен што реализацијата на патната инфраструктура продолжи без разлика на тешката економска криза.
– Се гради автопатот Скопје – Блаце во прва фаза, течат активности за изградба на автопатот Гостивар – Кичево, на автопатот Тетово – Гостивар, на автопатот Требениште – Струга – Ќафасан, на автопатот Прилеп – Битола. Изградени се експресни патишта во должина над 55 километри, а се градат експресни патишта во должина над 63 километри, рече Ковачевски.
Премиерот кажа дека досега се изградени и експресните патишта Штип-Радовиш, како и првата фаза од патот Штип-Крупиште.
– Во овој момент активно тече изградбата на експресните патишта: Градско – Дреново, Дреново – Фариш, Крупиште – Кочани, Ранковце – Крива Паланка. Активно се одвива реконструкцијата и на регионални патишта во должина од околу 130 километри. Завршени се градежните работи и на делницата Плетвар. Оваа Влада е посветена и прави сѐ за европската иднина на земјата, за економски развој на Северна Македонија, подобра сообраќајна поврзаност и пред сè подобар квалитет на живот за сите граѓани без разлика во кој дел од земјата живеат, рече Ковачевски.
За волја на вистината, актуелната власт, веќе неколку години обновува делница од автопатот Скопје – Катланово, и се уште не е завршена. А досега нема изградено ниту еден автопат за 5 години, а беа ветени 1.000 километри автопати низ земјава, додека го рушеа „режимот на Груевски“. Партијата на Ковачевски со такви ветувања дојде на власт.