Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во кој го нагласи единството и одлучниот одговор на Алијансата на неиспровоцираната војна во Украина и едногласноста во поддршката на сувереноста и територијалниот интегритет на Република Украина и на нејзиното неприкосновено право на самоодбрана на нејзините меѓународно признаени граници.

Како што соопштија од владината прес-служба, за време на разговорот премиерот Ковачевски истакна дека Македонија го дава максимално својот придонес во одговорот и политиките на НАТО во однос на ова прашање и останува и понатаму посветена да ја помага Украина во делот на координираните активности со Алијансата, како и во прифаќање на бегалците од оваа земја.

Како израз на силна поддршка на политиката на отворени врати, се додава, премиерот Ковачевски во разговорот со Столтенберг ја поздрави иницијативата на Шведска и Финска да станат членки на НАТО и потенцираше дека Македонија ќе ја забрза постапката за одобрување на приемот во членство во Алијансата на овие две земји.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во разговорот со Ковачевски ја поздрави поддршката на Македонија за итен прием на Шведска и Финска во НАТО, и го потенцираше успехот на воената вежба „Брз одговор 22“ (Swift Response 22), што ја потврди нашата земја како вреден партнер на Алијансата, се наведува во соопштението од Владата.

Во телефонскиот разговор со Столтенберг, се посочува и дека премиерот Ковачевски ја изрази и неговата и поддршката на Владата на Македонија за покажаното лидерство и продолжувањето на мандатот на генералниот секретар во овие исклучително сложени околности предизвикани од воената агресија на Русија на Украина.