Во Македонија ќе има предвремени парламентарни избори доколку во јуни нема почеток на преговорите за членство во ЕУ, соопштил извор близок до ДУИ за порталот КД Политик.

– Блокадата на парламентот од страна на опозицијата и можниот недостаток на европска перспектива со неопределување датум за преговори не оставаат друг избор освен одржување на нови парламентарни избори, вели изворот за тој портал.

Според пишувањето на порталот, на предвремените избори ДУИ нема да оди во предизборна коалиција со македонските партии – ниту со СДСМ ниту со ВМРО-ДПМНЕ.

Официјално, од партијата велат дека немаат конкретен став за можноста за предвремени избори, но не ги демантираат информациите на порталот.

Доколку ДУИ одлучи да се оди на предвремени избори, тогаш нивното одржување е неизбежно со оглед на одлучувачката улога што ја имаат интегративците во владејачкото мнозинство – од 64 пратеници кои се дел од власта, ДУИ има 15, се анализира во текстот.

Ставот на социјалдемократите и премиерот Димитар Ковачевски, кој секојдневно го повторуваат, е дека избори ќе има во редовниот термин во 2024 година.