Премиерот призна дека не можат да го решат проблемот со лажните дојави за бомби. Вели дека станувало збор за хибридна војна и оти решение ќе барале од странски институции.
– „Кај голем дел од овие дојави се работи за Ви-Пи-Ен врски хостирани во странство при што, речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, бидејќи Ви-Пи-Ен-ите се приватни виртуелни мрежи хостирани во странски држави и затоа се работи со партнерските служби“ – истакна премиерот Ковачевски.
Бидејќи лажните дојави за поставени бомби се случуваат насекаде низ Балканот, безбедносниот експерт и поранешен висок функционер во МВР, Љубомир Ѓурчески, вели дека некој се обидува да создаде кризни состојби и да го дестабилизира регионот. Но, не е сигурен дали и дојавите во соседството доаѓаат од исто место како и кај нас.
– „Организираниве криминални групи, секојпат ги менуваат местата на сторување на кривичното дело, односно, во овој случај Ај-Пи адресите. Многу е едноставно да отвориш Ај-Пи адреса од било каде во светот, но затоа, јас ги повикав стручните екипи во НАТО, бидејќи тие располагаат со сателитски комуникации и имаат контрола над тие комуникации. Во основа, очекувам дека тие дојави ни се случуваат од различни држави, различни земји, па можеби и од внатре, од Република Македонија“ – вели Ѓурчевски за АЛФА.
Тој додава и дека очекувал повеќе од НАТО, бидејќи кога заканите доаѓаат однадвор, проблемот мора да се решава во меѓународни рамки, во соработка со нашите сојузници.
– „Јас крајно сум незадоволен од нивниот однос, затоа што во рок од 30тина дена, од нив, не добивме никаква сериозна помош од таа институција и јас по некој пат се прашувам која е суштината на нашето членство таму, ако како партнер не ми помагате. Затоа ја поставувам таа теза, но и упатувам остра критика према нашите партнери од НАТО, не само тие да бараат од нас ние да си ги исполнуваме обврските како членка, а повратно да не добиеме никакви услуги од нашето членство во таа организација“ – додава Ѓурчески.
Инаку, Македонија речиси два месеца редовно се соочува со лажни дојави за бомби во училишта, трговски центри, други институции и јавни објекти. Од МВР велат дека истрагата е во тек. Единствено беше приведен еден средношколец кој поттикнат од информациите за лажни дојави и самиот испратил неколку заканувачки мејлови. Според пријавата од МВР тој ќе одговора за тероризам. Од оригиналните испраќачи засега нема ни трага ни глас.