Потребата за носење на уставните измени пред неколку дена го мина комисискиот филтер, познат е и датумот за пленараната седница, предлогот е јавен и достапен за сите, но и покрај обидите и апелите на власта, опозицијата останува на својот став против уставни измени со барање за избори. Сепак, Владата не се откажува од можноста тие да бидат донесени односно во Собранието да се стаса до 80 гласови „за“.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека откако ќе заврши скринингот и откако ќе бидат направени уставните амандмани, што се два одвоени процеси „тогаш веднаш утредента се закажува втората меѓувладина конференција на која што се отвораат поглавјата од првиот кластер – фундаменти“.
-И затоа го кажавме тој датум – дали ќе биде ноември, дали ќе биде 1 декември, 15 декември тоа е работа на реално она што ќе се одвива во Брисел. А тоа што се одвива во Брисел е секогаш јавно достапно, низ директен пренос, а сега преку многу јасни соопштенија од страна на сите тимови коишто таму одат, рече Ковачевски.
На прашањето што ќе се случи ако до 30 ноември не се спроведат уставните измени, Ковачевски рече дека ако се донесат на пример во февруари идната година, тогаш и ќе се одржи и меѓувладината конференција.
Уставните измени, според него, се работа, која можат да ја завршат само македонските политичари, без разлика на која политичка партија припаѓаат. Премиерот вели дека според дискурсот во јавната комуникација нема ниту една забелешка на уставните амандмани, бидејќи не задираат во ниту едно идентитетско прашање.
-Се работи за техничка измена на Уставот во која што покрај постојните делови од народи кои се дел од нашата Преамбула се додаваат делови од други народи кои досега не биле дел од Преамбулата, меѓутоа биле наведени под „други“ во самата Преамбула и со тоа практично се демантираат сите оние невистини, лаги, хистерија кои се ширеа во текот на изминатата година во однос на тоа дека во Македонија ќе се случела бугаризација, асимилација итн. Гледате дека тоа веќе не постои во јавниот дискурс, освен од неколку платени руски ботови, т.н. аналитичари па и некои политичари, коишто заради финансиски средства мораат да така да зборуваат, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека дискусиите во однос на уставните амандмани се воделе со сите политички партии и тие биле јавни, со претставници на претседателите и на партиите од опозицијата, коишто ги истакнале своите ставови во однос на истите.
Маричиќ, пак, рече дека она што се покажа на дело е дека Владата навистина е подготвена за сериозни и суштински разговори со опозицијата на кој начин да дојдеме до решение за гласање на уставните измени.
-Понудивме и политички формат во којшто опозицијата би учествувала во Владата, понудивме и можност за донесување дополнителни гаранции за нашите институции за тоа како да се однесуваат во преговорите, но нашето инсистирање е се да остане во рамките на преговарачката рамка и на возможното. Да не си поставуваме сами себе невозможни услови коишто утре ќе ни бидат проблем да ги исполниме. Затоа е битно, ние сме спремни за дијалог и отворено транспарентно и неформално за секој тип на разговори, а секако странското присуство тука е постојано, рече Маричиќ.
Вицепремиерот оцени и дека какво било пролонгирање на уставните измени би било на наша штета.
-Не би било добро какво било пролонгирање, тоа би било на наша штета. Значи, не е проблем. Меѓутоа, имајте предвид дека по Нова година ќе започнат процедурите за претседателски избори. Претседателските избори се врзани со рок. Сегашниот мандат на Пендаровски истекува на 12 мај и дотогаш треба да биде избран нов претседател, така што во најмала рака ќе бидеме преокупирани со тоа. Да не заборавиме дека има на почетокот на јуни избори за Европски парламент во ЕУ и едноставно фокусот ќе биде на друго место. Нашата цел е да останеме во фокусот, а тоа е можно само ако ги завршиме нашите обврски до крајот на скринингот и со крајот на оваа година да ги пречекаме одлуките за отворање на кластерот, вели Маричиќ.
Тој посочи дека од крајот на август по одморите, се очекува да продолжат посетите на странски државници, за кои вели дека се важни. Како што истакна, има и некои задолжителни формати како што е одржувањето на Брдо-Бриони процесот на претседателите од целиот регион, а за во октомври најави и посета на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен која ќе оствари тура низ регионот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на прашањето која е македонската агенда за ВМРО – ДПМНЕ, рече дека тоа е борбата против се она што актуелната Влада го промовира и оти „е и ќе остане дел од вистинските европски вредности кои треба сите ние да ги прифатиме“.
– Да точно. Тука е во право Димитар Ковачевски кога вели дека европската агенда, според коалицијата ДУИ поддржана од помалиот коалиционен партнер СДСМ, е сосема различна од македонската, која е дел од вистинската европска агенда, изјави Мицкоски.
Уште едно предупредување во однос на роковите вчера стаса и од францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер кој изјави дека доколку до крајот на годината не се пристапи кон уставни измени, Македонија не ќе може да пристапи кон следната фаза за членство во ЕУ.