Промовирајќи штанд за кандидатот за претседател Стево Пендаровски во општина Центар, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и носител на листа во ИЕ 1, изјави дека државава нема алтернатива освен Европската Унија и затоа, рече, нема откажување од конечната цел – Македонија да стане држава со повисок животен стандард, со врвно владеење на правото и врвна борба против корупцијата.
-Коалицијата „За европска иднина“ ги има токму тие вредности, имаме многу конкретен план како тоа да го оствариме. Претседателот Стево Пендаровски исто така има многу јасна визија, голема одлучност, иста како што имам и јас, нашата држава да биде земја членка на Европската Унија, не само заради членство туку заради повисок животен стандард и за подобри услови за живот на граѓаните, рече Ковачевски, нагласувајќи дека со претседател и Влада од оваа коалиција – „државата ќе биде на сигурна патека кон европските интеграции“.
Прашан зошто не бил на митинзите на кандидатот за претседател што е поддржан од СДСМ, Ковачевски одговори дека „претседателот Пендаровски има многу јасна поддршка од граѓаните изразена преку 22 илјади потписи поднесени во Државната изборна комисија“.
-За разлика од тоа, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, за кој велеа дека имал над 28 илјади потписи, се испостави дека тие потписи или биле фалсификувани или нешто не било во ред со нив, што ја не можам да го докажувам зашто тоа е работа на ВМРО-ДПМНЕ и затоа нивниот кандидат за претседател е кандидиран со 40-ина потписи на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Ние како коалиција изразуваме многу јасна поддршка и тоа може сите да го видите. Денес сум во промоција на нашиот претседател Стево Пендаровски заедно со коалициските партнери и на големата конвенција со над 18 000 луѓе во „Борис Трајковски“ јас говорев во името на коалицијата којашто го поддржува. Од друга страна, претседателскиот кандидат Пендаровски е кандидат на граѓаните, поддржан од коалицијата „За европска иднина“ и, како и другите лидери на партиите, сметам дека на најдобар начин тој својата програма ја објасни пред граѓаните, со граѓаните и за граѓаните, зашто на крајот на денот претседателот Пендаровски ќе биде претседател на сите граѓани, а не продолжена рака на една политичка партија како што е претседателскиот кандидат Силјановска, изјави лидерот на СДСМ.
На прашање за т.н. нон пејпер на партиите од албанскиот политички блок за усвојување на уставните измени, Ковачевски одговори дека тој документ бил актуелен пред два месеца и не знае дали е или не е потпишан зашто не е дел од него.
-Во однос на уставните измени, ако некој има јасен став и ако некој презел одговорност за потребата да го преземеме тој чекор за да ги отвориме поглавјата и конечно да станеме земја членка на Европската Унија, тогаш тоа сум јас. Среќен сум што презедов одговорност и кој има храброст, за разлика од други политичари од опозицијата кои никогаш немале храброст за ништо, уставните измени да ги поднесе во Собранието, рече Ковачевски и додаде дека нивното гласање тој не го користи како „инструмент за политичка борба“ туку тоа е „чин што треба да се случи порано“.
Според него, вклучувањето на бугарскиот народ во Уставот, „конечно ќе стави крај на тезата дека постои еден народ во две држави и „конечно во еден документ ќе стои дека има македонски народ и дека има бугарски народ“.
По 8 мај, ако ја добие довербата, како што рече, веднаш ќе почне со реформи во правосудниот систем за кои исто така ќе требаат уставни измени.
-Тоа ќе бидат вторите уставни измени кои веднаш по добивањето на мандатот ќе ги поднесам во Собранието, додаде Ковачевски.
Фото: МИА