КОВАЧЕВСКИ ВЕТУВА АНГАЖМАН ЗА ЧОЧЕК: Автопатот Кичево – Охрид ни е приоритет, знам колку е важен и за Дебарца, Струга и Вевчани

/ 18.11.2022

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска направи увид на градежните работи на тунелот Кичево – Охрид заедно со првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот Беким Реџепи и директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми.

-Знам колку е важно за Кичево, Дебарца, Струга, Охрид, Вевчани, за околните населени места кои гравитираат во овој регион, но и за целата земја, што побрзо да се заврши автопатот Кичево – Охрид. Знам колку овој автопат е важен за нов економски и развоен импулс не само на западниот дел на Македонија туку и на целата држава и колку тој значи и за Кичево и за туристичките центри Охрид и Струга. Ние како Влада ги решаваме наследените проблеми, патната инфраструктура за оваа Влада не е предизборно ветување, туку напротив тоа е инфраструктура која што ја поврзува државата внатре меѓутоа ја поврзува државата и со другите европски држави со кои што граничиме. Со тоа овозможуваме подобри услови за постојните инвестиции, привлекување на нови странски инвестиции, зголемување на економскиот развој, развој на туризмот особено во овој наш туристички дел од државата. А сето тоа еден од предусловите е безбеден и сигурни патишта за граѓаните и за сите други кои поминуваат низ нив, рече тој.

Ковачевски рече дека е свесен дека работниците кои го градат овој автопат се соочија со многу предизвици во изминативе години, поради огромни пропусти во самиот проект.

-Беа потребни години за да се пробијат тунелите под превојот Пресека. Работниците се соочија со многу проблеми во утробата на планината што дополнително ја одолговлечи работата на терен, па плановите за работа мораше да се адаптираат според условите кои што ги налагаа самите услови на терен. И тоа беше само еден сегмент што требаше да се надмине, промашена траса, неусогласеност на проектната документација и состојбата на терен, дислокација на далекуводи, телефонски кабли, водоводни инсталации, индивидуални и стопански објекти, бидејќи беа на самата автопатска траса. Но во оваа држава мора да се спроведат започнатите проекти и да се оди напред затоа што тоа е за доброто на граѓаните. Моето претходно искуство вели дека со добар план и добро менаџирање на процесите, нема недостижна цел. Сите знаеме колку ни е сето ова важно, од сите аспекти кои ги кажав. Затоа и со Министерството за транспорт и врски, заедно со министерот, заедно со директорот на ЈПДП, Рустеми сум практично во секојдневна комуникација и инсистирам да се земе овој пат како највисок приоритет во државата, рече премиерот.

Тој истакна до каде се работите на патот.

„Така денеска, како што и може да се забележи, се става асфалтна подлога во тунелот, се работи на електрична инсталација и хидрантска мрежа. Тунелите за да бидат приспособени за сообраќај треба да се изработи вентилационен систем, противпожарна заштита, видео надзор, систем за детекција на опасни гасови, сообраќајна сигнализација и команден центар. Овие два се најдолгите друмски тунели во земјава со вкупна должна од четири километри.  Десната автопатска лента од Требениште кон Охрид е завршена и пуштена за сообраќај под времен режим освен кај Подмоље каде се одвиваат градежните работи за колекторскиот систем. Овој пат, мора и ќе добие на динамика затоа што инфраструктурата значи интензивирање не економските релации, и ние мора да вложуваме во патна инфраструктура ако сакаме развој на економијата“.

За да не остане нејасен „чочекот“, тој стана симбол за оваа власт откако го одиграа за пуштањето на автопатот Демир Капија – Гевгелија што го исгради претходната власт, која сегашнава се уште ја нарекува режим.


Од истата категорија