Во услови на криза најважно е инвестициите да не застанат, а вие присутните тука сте тие кои најдобро го знаете тоа. Во таа насока Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За шест години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати од 3,2 милиони евра во 2018 година, до 35 милиони евра во 2023 година, порача премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на настанот #МКЕкономија „Довербата расте” наменет за компаниите корисници по Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Кризата, како што кажа, ја претворивме во можност и станавме зелен енергетски Хаб во Европа со инвестиции во обновливи извори на енергија, особено фотоволтаици и ветерни електрани.
-Да се постигне сето ова во услови на криза е голем предизвик, но никој немаше да успее доколку беше оставен сам – ниту компаниите, ниту граѓаните. Затоа Владата од почетокот на енергетската криза, а претходно и за време на пандемијата, даде силен, навремени и прецизен фискален одговор кој беше значаен за амортизирање на надворешните шокови, рече Ковачевски.
Во последните три години, како што посочи, е преполовен фискалниот дефицит како преку рационализација на трошоците, така и преку подобрување на наплатата на приходите.
-Речиси 150 милиони евра изнесува буџетската поддршка за домашните и странските компании годинава или пет пати повеќе во споредба со периодот од пред пет години. Директните субвенции во стопанството по основ на инвестиции, но и врз основа на други програми од 1,9 милијарди денари во 2017 година се покачија на 7,76 милијарди денари годинава, рече Ковачевски
Според него, Владата работи домаќински и одговорно – Буџетот е стабилен а државата е финансиски ликвидна и словентна, денарот е сидро на стабилноста на нашата економија.
-При тоа капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит и остануваме на златното правило во финансиите – да се позајмува само за инвестиции и развојни цели. Трендот на намалување на инфлацијата ќе продолжи и понатаму. Инфлацијата во август беше 8,3 проценти, а лани во октомври беше дури 19,8 проценти, потенцира Ковачевски.
Со членството во НАТО ја засиливме нашата позиција.
-Ако во 2016 година странките инвестиции изнесува а 338 милиони евра во 2022 година во услови на криза изнесуваа речиси 754 милиони евра или двојно повеќе од 2016 година. Инвестиции во ТИРЗ во 2016 година кумулативно изнесуваа 600 милиони евра, а во 2023 година се речиси две милијарди евра, рече Ковачевски.
Како што кажа за повисоки стапки на раст треба да ја постигнеме нашата стратешка цел – членство во Европската Унија. Со зачленувањето во ЕУ, како што рече Ковачевски, резултатите ќе бидат уште подобри што го покажуваат анализите на земјите пред и по влегувањето во Унијата и затоа, додаде местото на земјава е во ЕУ.
-Сега ни треба нов циклус, нова енергија и нова приказна, а тоа е европската економија на државата која ќе има доволно ресурси и капацитет за да биде дел од европската економија. Убеден сум дека дента кога ќе станеме дел од ЕУ нашата држава и нашиот регион ќе бидат држава и регион со највисоки стапки на економски раст во однос на сите други сегашни земји-членки на ЕУ, порача Ковачевски.
На настанот се одржа и инфо сесија за компаниите со процедурите за користење на поддршката од Законот, а дел од компаниите ги презентираа и резултатите од нивните инвестициски циклуси како и резултатите од поддршката од Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Законот за финансиска поддршка на инвестициите е донесен во 2018 година. Со Владина поддршка за домашните компании од 2018 до 2023 година се поддржани 919 компании со 100 милиони евра.