Нашите политики се политики кои обезбедуваат подобар квалитет на живот, и токму затоа почнувајќи од април годинава, минималната плата во државата од 18.000 денари се покачи на 20.175 денари. Ова е четврто покачување во шест години. Ветивме и го исполнивме ветувањето и за просечна плата од над 34.000 денари и платите и понатаму ќе растат, рече денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибина „Резултати коишто прават разлика“.
-Денес имаме и просечната плата од над 34.000 денари и таа и понатаму ќе расте. За опозицијата не беше замисливо па дури и им беше смешна најавата дека просечната плата постојано ќе расте. За нив беше смешно дека просечната плата ќе изнесува 500 евра. Денес ако имаат совест, од ВМРО-ДПМНЕ би се срамеле од лажните тврдења со коишто ги манипулираа граѓаните, затоа што во моментов зборуваме и за повисока просечна плата. Покачувањето на платите на луѓето може да биде смешно само за некој кој пред себе ги има сопствените интереси, а не потребите на граѓаните. Стиропор, врби, бели палати, милионски провизии – наместо егзистенцијата на луѓето и просперитетот. Разликата е во тоа, оваа Влада враќа пари кон граѓаните, рече Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ цела деценија ги манипулираше работниците и пред светот ги прикажуваше како евтина работна сила. Ете тоа време заврши. Денес, минималната плата важи за сите стопански гранки, а минималната плата ќе расте секој март, без да зависи од волјата на која било сегашна или идна Влада. Ние знаеме што значи вреднуван, ценет и задоволен работник и тоа го имаме пред себе кога ги носиме одлуките, рече Ковачевски
-Во 2012 година просечната плата била 20.900 денари, минималната плата 8.000 денари. Биле потребни 4 минимални плати за покривање на потрошувачката кошничка. Денеска имаме над 34.000 денари просечна плата, минимална плата која е над над 20.000 денари и потребни се 2 минимални плати за покривање на потрошувачката кошница во услови на инфлација, енергетска и економска криза предизвикани од војна во Украина. Тоа е вистинска грижа за граѓаните. Не ги заборавивме и наставниците, лекарите и здравствениот персонал, армијата, полицијата, судските и јавно-обвинителските службеници, не ги заборавивме и професорите во високото образование. Во сите овие области се покачени платите. Не ги заборавивме ниту оние вклучени во воспитниот процес, воспитувачките, негувателките. Oд 2017 година досега, со последното усогласување во месец март, воспитувачките и негувателките во градинките добија вкупно 45-50% зголемување на платите за последните 5 години, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.