Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски денеска ги фрли костумот и вратоврската, а директорската фотелја ја замени со работничка униформа и чизми за сликање во рудникот во РЕК Битола.
Денеска на Ковачевски ќе му се восхитуваат и ќе го лајкуваат по социјалните мрежи и тие што се потсмеваа кога поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски излегуваше на терен да ја координира работата на градските служби при временски непогоди. Во продолжение сликата и соопштението од ЕСМ-ЕЛЕМ:
Работењето на системите во рудникот Суводол на РЕК Битола е нормализирано. По обилните врнежи од дожд кои во петокот и вчера го зафатија рудникот и предизвикаа поплава, ископот на јаглен и јаловина продолжува според планираната динамика, соошти АД ЕСМ – ЕЛЕМ.
Увид во нормализирањето на состојбите денеска направи генералниот директор Ковачевски.
– Сакам да упатам голема благодарност до сите вработени во РЕК Битола, особено вработените во рудникот Суводол за пожртвуваноста што ја покажаа изминатите два дена и натчовечките напори што ги вложија за да не трпи производството на електрична енергија. АД ЕСМ како секогаш, така и сега прави се што може за континуирано производство од нашиот најголемиот капацитет, порача Ковачевски.
АД ЕЛЕМ информира дека покрај проблемите во работата што ги предизвикаа обилните врнежи од дожд, системите со рудникот Суводол не прекинаа со работа ниту во петокот, ниту за време на викендот и дека таму продолжуваат планираните техничко-технолошки зафати за континуиран ископ на јаглен и јаловина.