Премиерот Димитар Ковачевски и владината делегација денеска, во рамките на посетата на Република Италија и на Светата Столица (Ватикан) по повод 24 Мај – Денот за сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, како и амбасадорите на нашата земја во Ватикан и Италија Марија Ефремова и Весел Мемеди, учествуваа на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во Базиликата Сан Клементе во Рим.
Во состав на делегацијата предводена од премиерот се шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, шефот на Кабинетот на премиерот Мартин Попов, Даријан Сотировски директор на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, митрополитот на МПЦ-ОА Пимен Илиевски, митрополитот на МПЦ-ОА Јосиф Тодоровски и Зоран Стојанов, декан на струмичката епархија на Католичката црква.
Како што соопшти владината прес-служба, со црковната служба, молебен во чест на Свети Кирил, началствуваше митрополитот европски Пимен, во сослужение со митрополит Јосиф, по што беше одржана беседа за црковното дело на Свети Кирил и за неговиот брат Свети Методиј.
Молебенот во црквата Сан Клементе во Рим, во која почиваат светите мошти на Свети Кирил, е традиционална активност во рамките на активностите на нашата земја со која секоја година се одбележува просветителското дело на Светите браќа Кирил и Методиј.
– Со одбележувањето на денешниот празник и искрената почит кон големите браќа Свети Кирил и Методиј, нашата земја го одржува континуитет на просветителската светлина која исполни една цела епоха во историјата на христијанската цивилизација, а посебно во историјата на С. Македонија, стои во владиното соопштение.