Во однос на економијата и светската енергетска криза, премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Би-би-си“ вели дека Македонија е либерална економија и оти како земја сме слободни во нашите надворешни односи.
Ковачевски подвлече дека имаме инвеститори од европските земји, Кина, канадски компании, а најголемиот инфраструктурен проект што ќе го имаме е изградбата на Коридорот 8 кон Албанија и коридорот 10Д, автопат меѓу два големи македонски града, Битола и Прилеп, кои ќе бидат изградени од американскиот „Бехтел“ во конзорциум со турската компанија „Енка“, информираат денеска од Влада.
Во однос на енергетската криза, премиерот вели дека секој човек во криза, а оваа зима, како што нагласува, ќе биде најлоша по Втората светска војна, во вакви околности прво размислува за себе и за своето семејство.-Кога сте премиер, мора прво да размислувате за сите граѓани, а на крај за себе. Јавно кажав дека никој во оваа земја нема зимава да биде оставен сам и никој нема да мора да бира меѓу греење и храна. Затоа, преку Светска банка, го обезбедивме најголемиот финансиски антикризен пакет, меѓу сите земји во регионот, којшто ќе биде наменет за најранливите категории на граѓани во земјата и за одржување на ликвидноста на компаниите, вели премиетот во интервјуто за „Би-би-си“.
Дополнително, нагласува, донесовме одлуки почнувајќи од април оваа година и тие ќе продолжат до крајот на годинава и, како што вели, ако ситуацијата е иста, и следната година ќе ја субвенционираат цената на електричната енергија за сите граѓани.
-Сите граѓани во државата добиваат петпати помала сметка за електрична енергија што би ја плаќале без субвенциите од Владата, а компаниите, на регулираниот пазар, 72.000 компании што вработуваат 98 отсто од работниците во земјата, исто така, добиваат субвенционирана цена на електричната енергија. Ги намаливме буџетските ставки што не се неопходни во време на криза и ги пренаменивме овие средства за борба со кризата и за помош на најранливите, оние со најниски пензии, добиваат дополнителна помош, најранливите, 41.000 жители на државата, месечно добиваат средства. Ја зголемивме минималната плата, ги зголемивме пензиите за 10 отсто во државата и сето ова е насочено кон граѓаните на државата, бидејќи никој не смее да биде оставен сам, нагласува македонскиот премиер во интервјуто.
Премиерот Ковачевски дополни дека од јануари следната година, ЕУ ќе обезбеди 80 милиони евра буџетска поддршка за соочување со енергетската криза. За Западен Балкан, ЕУ ќе обезбеди половина милијарда евра за енергетска транзиција, а тоа значи нови електрани, нова инфраструктура за снабдување со гас преку пристаништата во земјите.