Уставните измени во делот на вклучување на други делови од народи во Преамбулата во нашиот Устав е една од одлуките за кои што е потребно двотретинско мнозинство до пристапувањето на полноправно членство во ЕУ. После таа одлука ќе следува одлука, реформа во правосудството, за тоа се потребни повторно две третини, потоа ќе следува реформа на јавната администрација, за што повторно две третини, реформа на децентрализацијата, повторно две третини. Ваквите одлуки не смеат да бидат предмет на политички условувања, порача премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за „Гласот на Америка“ за време на неговата работна посета на САД.
Ковачевски појасни дека доколку овие одлуки станат предмет на политички уцена, тогаш државата не може да напредува во остварување на својата стратешка цел.
-Не може остварувањето на членството на ЕУ, кое што обезбедува подобар животен стандард на граѓаните, повисоки плати, подобар правен систем, подобро владеење на демократијата, поголема социјална заштита и т.н, не може да биде заложник на кариерата на еден човек или на една политичка партија. Ова е процес на сите политички партии, ова не е процес на еден човек, не е процес на една партија, не е процес на една Влада, ова е широк општествен процес кој што е веќе отпочнат, истакна премиерот, додавајќи дека во рамки на Министерството за правда е формирана работна група за изготвување на уставните амандмани, која се состои од експерти од правната фела, практичари, од судската фела, од претставници на политичките партии кои имаат искуство во политиката и во правото.
Ковачевски додаде дека штом ќе излезат со подготвените амандмани, ќе може да отпочне јавен процес на консултации со бизнис, академската заедница и со политичките партии и потоа да влезат во собраниска процедура каде сите политички партии, особено пратениците имаат обврска со своето одлучување да обезбедат подобра иднина за сегашните и за идните генерации.
Тој додаде дека потребата за влез во ЕУ е и поголемиот животен стандард.
-Ги гледаме разликите кога сте или не сте членка ЕУ. Кој можеше да замисли порано наши граѓани да одат да работат во Прага или во Братислава или во која било друга земја која што беше порано членка на Варшавскиот договор, тогаш беше незамисливо, рече Ковачевски, додавајќи дека влезот во ЕУ значи и подобра инфраструктура,подобри услуги на граѓаните, повисок животен стандард.