СДС намерно ги штити судиите и обвинителите за да се избегне одговорност и да се спречи нивна казна за неправилности и корупција. Овој вид на практики доведуваат до сериозно нарушување на принципите на правдата и правото, кои се основни столбови на демократијата и функционирањето на правниот систем, изјави денеска пратеникот од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ Драган Ковачки.
Во продолжение интегрален текст од изјавата на Ковачки:
-Со поставувањето на партиски кадри во Судскиот совет и други важни правосудни институции, СДС целосно го узурпира судскиот систем. Ваквиот пристап резултираше со сериозни последици, како што е огромното намалување на довербата на граѓаните во судството, која според истражувањата е само 2%. Народот, гледајќи дека судските одлуки не се донесуваат според правото, туку се водат од политички интереси, губи доверба во правосудниот систем. Ова создава впечаток дека, иако правдата треба да биде на страна на граѓаните, всушност постои заштита за криминалците, особено оние кои се поврзани со СДС.
Како претседател на Судскиот совет беше Весна Дамева, која, како член на партиска комисија на СДС, активно го спроведуваше политичкиот и криминален интерес на својата партија. Дамева, не само што ги поттикнувала, туку и организирала незаконски дејства за да ги исполнува нарачките од тогашниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.
Пред Весна Дамева, како заменик претседател на Судскиот совет, беше Наќе Георгиев, кој важеше за десна рака на Зоран Заев и Венко Филипче. Георгиев е познат по неговата вмешаност во криминални активности, а неговото признавање на примање мито за да влијае врз судиите и обвинителите само ја потврдува влошената состојба во судството.
Поставувањето на партиски лојални кадри во Судскиот совет, и нивната контрола врз судиите и обвинителите, само ја зголемува перцепцијата дека правдата не е достапна за сите граѓани.
Паралелно, СДС активно се бори за да го задржи своето влијание во судството преку корумпирани судии и обвинители, кои во голема мера се должни на партијата за своите позиции и промоции. Ваквата стратегија ја поткопува независноста на судството и го нарушува принципот на еднаквост пред законот, што треба да биде основа на секој правен систем.
Меѓутоа, времето на ваквата контрола и злоупотреба на судската власт мора да заврши. Правосудниот систем мора да биде независен, професионален и транспарентен.
Борбата против криминалот мора да биде на сите нивоа, но правосудството останува најважниот дел. За да се обнови довербата на граѓаните во судството, потребно е да се воспостават механизми кои ќе осигураат дека судиите ќе донесуваат одлуки во согласност со правото, без политички или економски притисоци.
Промените треба да се случат на повеќе фронтови, но најважно е да се создаде атмосфера во која правдата нема да биде само на хартија, туку и во практиката. Злоупотребите кои се поврзани со СДС мора да се расветлат, а виновниците да се повикаат на одговорност.
Судството е основа на правната држава и како такво, не смее да биде подложно на манипулации и корупција.
Ова е време кога граѓаните бараат одговорност, транспарентност и праведност од страна на правосудните институции, а задната врата за криминалот во судството треба да биде затворена, рече Ковачки.