ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја поднесоа кандидатурата на Стојанчо Радичевски за градоначалник на Општина Брвеница. Генералниот секретар на партијата, Драган Ковачки, порача дека Радичевски е кандидат кој, според него, има капацитет да биде продолжение на работата на прерано починатиот градоначалник на Брвеница, Јовица Илиевски.
Ковачки оцени дека Радичевски е кандидат кој може да ги обедини граѓаните и изрази уверување дека токму тој ќе ја добие довербата на граѓаните на претстојните локални избори.
„Веруваме дека имаме одличен кандидат, кандидат којшто ќе биде континуитет на претходниот прерано заминат наш градоначалник Јовица Илиевски“, истакна Ковачки.
Тој додаде дека, и покрај големиот број кандидати за градоначалник на Општина Брвеница, во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека нивниот кандидат е најдобриот избор.
„Верувам дека нашиот кандидат е убедливо најдобриот кандидат, кандидат којшто обединува и со кого што заеднички ќе славиме на 18 октомври“, порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачки воедно упати повик до сите учесници во изборниот процес за фер и коректна кампања, како и за достоинствен однос меѓу политичките противници.
„Повикувам на фер кампања, на достоинствен однос и на фер и демократски избори“, порача Ковачки.




