Ова е последниот од неколкуте големи инфраструктурни проекти со кои се заокружува идејата за Северна Македонија како раскрсница на Балканот, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Регионално поврзување на земјата со европските железнички коридори и отворање на нови европски рути за железнички превоз се дел од придобивките од изградбата и реконструкцијата на пруги на коридорите 8 и 10 за што денеска во Владата беа потпишани договори.

Станува збор за инвестиција од 200 милиони евра со која се планирани ревитализација на Коридорот 8 на делницата Куманово – Бељаковце, делницата Бељаковце – Крива Паланка, како и ремонт на делницата Ногаевци – Неготино на Коридорот 10. Вкупно ќе бидат опфатени околу 96 километри.

– Ова е последниот од неколкуте големи инфраструктурни проекти со кои се заокружува идејата за С. Македонија како раскрсница на Балканот, а кој ќе овозможи регионално поврзување и интеграција на Република С. Македонија во европските железнички коридори. Инвестицијата воедно ќе обезбеди отворање на нови европски рути за железнички превоз и ќе нѐ поврзе со пристаништата во Албанија и Бугарија. Регионалното поврзување од овој тип е исклучително важен момент за нашата економија, истакна премиерот Димитар Ковачевски на потпишувањето на договорите.

Со оваа инфраструктурна инвестиција, како што посочи, се отвораат и обезбедуваат нови пазари за домашните компании, а алтернативните рути што ги обезбедува оваа инвестиција ќе значат и поевтин транспорт за компаниите, намалувајќи го товарот врз стопанството кое го носи економската и енергетска криза во која се наоѓаме.

– Со рехабилитациските зафати на Коридорот 8 по речиси 30 години, железничката пруга која ја поврзува Република С. Македонија со Република Бугарија станува реалност. Овој проект ќе биде од пошироко значење и за стопанството, за бизнисот, но и влог во европската агенда за функционално железничко поврзување на целиот регион. Пристапувањето во Европската Унија покрај тоа што е политички процес, воедно е и процес на инфраструктурно и економско поврзување. Овој процес се движи паралелно и е подеднакво важен бидејќи носи опипливи придобивки врзани со подобрување на бизнис климата но и со подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, рече Ковачевски.

Според него, импактот којшто инвестицијата ќе го има врз развојот и реформите во железничкиот сектор се несомнени.

– Реформите се долг процес, но тие претставуваат неопходен предуслов за железнички транспорт каков што сите посакуваме: подеднакво развиен, безбеден, брз и еколошки како и во земјите на Европската Унија. Придобивките од развиениот железнички транспорт се неколкукратни и затоа сите ние треба да продолжиме да работиме на модернизација на железницата преку заеднички проекти со нашите партнери од ЕУ со цел ефикасна и модерна железничка мрежа во регионот, порача Ковачевски.

Изрази задоволство што потпишувањето на договорите следува по вчерашниот историски ден за земјата.

– Храбрите, тешки и патриотски одлуки кои ги донесовме, од денес се преточуваат во конкретни проекти кои ќе обезбедат севкупен развој. Она што е важно, е дека имаме јасна визија за иднината, ја движиме државата напред. Северна Македонија економски, политички, општествено ќе се развива, а денешните и идните генерации градиме демократско, европско општество во кое граѓаните ќе се економски напредни со подобрен квалитет на живот, рече Ковачевски.