На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови во земјава се лекуваат 1.193 пациенти со Ковид-19 и во ковид- центрите има околу 290 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 71 пациент поради компликации од коронавирусот. Вкупно 514 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.
Во ковид-центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 679 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Поради зголемениот број пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворен е и ковид- центарот на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Во последното деноноќие, на Интерните клиники и ТОАРИЛУЦ имало 24 приеми.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 26 примени пациенти, а во текот на вчерашниот ден 15 лица биле примени на Инфективната клиника. Во Козле биле примени шест нови пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 29 оздравени пациенти.
Во моментов во ковид-центрите на Интерните клиники и ТОАРИЛУЦ се лекуваат 230 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно107 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 129 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 40 пациенти. На ГАК има осум хоспитализирани ковид позитивни пациентки.
Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и изутрината до 8 часот имало 40 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 71 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 48 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 24 пациенти, во Велес се лекуваат 57 болен, а во Куманово 94 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирани 90 пациенти, во Прилеп 103, во ковид – центарот во Гостивар 26, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 41 пациенти, во Кочани осум, во Кичево осум, Кавадарци 74, а во Гевгелија 16 лица, позитивни и суспектни на коронавирусот.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.