Помошта на Заев наречена 6-ти пакет не е доволна да покрие ниту сметки за струја, мерките се потценувачки, се вели во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во врска со пакетот мерки за чие изгласување непотребно беа донесени и заразени пратеници со Ковид-19 во Собранието, а власта продолжува со себерекламирање со пакетот.
-Многу фалби, малку помош. СДСМ се фали со 6-ти пакет мерки, кој е вреден само 17,8 милиони евра или само 0,15% од БДП. Овој таканаречен пакет мерки е срамен и потценувачки кон стопанството. Помошта на владата не е доволна ниту за плаќање закупнина за простор или сметки за струја, а не пак за нешто сериозно. Оваа криминална власт, одлепена од реалноста нема слух за потребите и барањата на фирмите и работниците. Заради игнорантскиот однос на власта, секој ден се затвараат по 10тина фирми. До сега клуч заради Заев ставија 6.200 компании.Изминатава година без работа останаа над 60 илјади луѓе, а околу 55 илјади вработени не ги земале своите заработени плати, поради колапсот во економијата во изминатиот месец, се вели во реакцијата.
Натаму во соопштението се додава:
-Додека презентираат мерки во вредност од само 17,8 милиони евра, за споредба во соседна Србија, владата му помага на стопанството со над 3 милијарди евра. Цели индустриски гранки како градежништвото, прехранбената, кожарската, текстилната индустрија се целосно заборавени и без помош и со овој пакет мерки. Заев и Бесими ги игнорираат барањата на туристичката и угостителската комора, кои што секојдневно протестираат и очајно бараат помош за спас на нивните бизниси. Заев тотално е забеган и не го слуша бизнис секторот и работниците кои немаат пари и крпат ден за ден.