Бројот на активни случаи во земјава изнесува 13.166 од кои најголем број 5731 се во Скопје. Во Тетово има 1192 активни случаи, во Куманово – 859, Гостивар – 726, Струга – 618, Охрид – 554, Струмица – 543, Кичево – 494, Прилеп – 269, Битола – 266…

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 5.362 тестирања регистрирани се нови 577 случаи со Ковид-19, 30 починати, 1010 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 182.450, бројот на оздравени пациенти е 163.070, а на починати е 6.214.

Министерството за здравство вчера ја објави анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид-19, во период од 6 август заклучно со 9 септември. За вакцинирани, како што се посочува, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

– Во период од 6 август до 9 септември на територија на државата 26.053 граѓани се позитивни од тестирани на Ковид-19, од нив 19 отсто биле целосно вакцинирани, односно 5175 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистика за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84 отсто, додека само 16 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.

Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со Ковид-19, 591 пациент (87 отсто) од починатите не биле вакцинирани, а само 87 (12 отсто) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, информираа од Министерството.

Заразените и починатите, како што се истакнува, се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

Од Министерството за здравство укажуваат на важноста на вакцинацијата. Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход, потенцираа од Министерството.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 754.271 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 1.959 граѓани, а завчера вкупно се вакцинирале 16.737 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.358.067 дози вакцини, а ревакцинирани се 603.795 граѓани.

Со последните бројки барем една доза вакцина имаат примено 54 отсто од населението над 40 години и 30 отсто од лицата на возраст од 18 до 39 години. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата, информираа од Министерството за здравство.

Надлежните внимателно ја следат епидемиолошката состојба во училиштата.

 

Два кластери на заразени од Ковид-19 се регистрирани во едно основно и едно средно училиште и еден во градинка во Струмица. Има позитивни ученици и деца, но и наставници и воспитувачи. Ова го соопштија од Центарот за јавно здравје во Струмица, од каде велат дека трансмисијата на вирусот била во самите уличишта и затоа се водат како нови кластери.

– Прeземени се сите неопходни мерки и се надевам дека во иднина нема да се појавуваат други ученици. Меѓутоа, ако постои ние по епидемиолошка индикација секако ќе тестираме. Согласно мерките и протоколите кои се од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ние постапивме така како што треба. Дел од учениците веќе се ставени во домашна изолација, тие се под надзор и се следи нивната здравствена состојба, вели епидемиологот Мери Николова Гичева.

Позитивни случаи се регистрирани и во две градинки, заради што дваесетина деца и неколку вработени се ставени во изолација.

Според Николова Гичева, моменталната состојба со Ковид-19 во регионот на Струмица и Валандово ја оценуваат како нестабилна, а бројот на новозаразени расте секојдневно. Во овој бран вирусот најмногу ги погодува младите и средна генерација граѓани, а во последните денови струмичкиот регион е во самиот врв по број на нови случаи од коронавирус.