Караванот за вакцинирање против КОВИД-19 денеска ќе биде во Кичево, а ќе заврши утре во Струга. Надлежните апелираат граѓаните да се вакцинираат со цел да се заштитат од тешки форма на болеста, хоспитализација и смрт поради инфекција со КОВИД-19.
Заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, претставникот на УСАИД за земјава, Ерик Јановски, заменик-претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани и претставници од СЗО, вчера го посетија селото Неготино во Општина Врапчиште, една од последните локации на караванот за информирање и вакцинација против КОВИД-19.
– Согласно последните податоци од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, околу 41,2 отсто од вкупното население во земјата е вакцинирано со две дози. Голем дел од населението останува незаштитено од можните тешки последици од КОВИД-19. Невакцинираните луѓе имаат поголем ризик од смрт од КОВИД-19 во споредба со тие кои биле вакцинирани. Затоа, граѓаните не треба да се колебаат и одлуката за вакцинирање не треба да се одложува, изјави заменик-министерот Рендевски.
Во рамки на караванот, како што соопшти вчера Министерството за здравство, се остварени посети на вкупно 14 градски и рурални подрачја низ целата држава.
Караванот за заштита од КОВИД-19 што го спроведува Министерството за здравство со поддршка од УСАИД, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ почна во Шуто Оризари. Покрај активностите организирани во рамки на караванот за вакцинирање, граѓаните може да се вакцинираат и во најблиските здравствени домови секој работен ден од 8 до 14 часот. Пунктот за вакцинирање во Поликлиника Букурешт во Скопје е отворен до 20 часот од понеделник до петок, стои во соопштението.
Бројот на активни случаи во државава вчера изнесуваше 1.715 од кои најголем број 919 во Скопје. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 1986 тестови регистрирани се 201 нови случаи на КОВИД-19 од кои 37 се реинфекции, оздравени се 249 пациенти, а починати се две лица.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 306.178, бројот на оздравени пациенти е 295.237, а на починати е 9.226.
Комисијата за заразни болести се очекува наредната недела да разгледа дел од актуелните мерки и да види кои од нив може да бидат укинати со оглед на тоа што се намалува трансмисијата на вирусот.
Во дел од земјите во соседството и во Европа, се олеснуваат мерките воведени поради пандемијата со КОВИД-19.
Од вчера се укина вонредната пандемиска состојба во Бугарија, а некои антиепидемиски мерки се уште остануваат. Како што јави дописникот на МИА од Софија, се укинува барањето за задолжително носење заштитни маски во затворени јавни места, одржување физичка дистанца, за ограничување на бројот на лица кои можат истовремено да бидат во затворен простор, како и за забрана за посета во болниците. Носењето заштитни маски останува пожелно за места каде што се собираат многу луѓе.
Од вчера до 15 мај сите лица без разлика од која земја доаѓаат во Бугарија, ќе треба да приложат валиден дигитален сертификат на ЕУ за вакцинација, за прележаност на болеста, тест или сличен документ што ги содржи истите податоци. Лицата кои нема да достават барем еден од овие документи ќе бидат примени на територијата на Бугарија, но ќе бидат ставени во 10-дневен карантин.
Албанскиот технички комитет за справување со пандемијата вчера одлучи за дополнително олеснување на анти-ковид мерките. Според Мира Ракацоли, претседателка на Комитетот и заменик-министерка за здравство, се укинува мерката за собири со само 50 лица, а и понатаму останува задолжителното носење заштитна маска во затворен простор и петдневната изолација за лицата позитивни на опасниот вирус.
– Одлуката се базира на анализата на состојбата која е стабилна, со континуиран пад на нови случаи. Во сила и понатаму е мерката со која секој граѓанин кој влегува во Република Албанија треба да поседува вакцинален пасош, ПЦР тест или потврда дека ја прележале болеста, со исклучок на деца помали од 6 години. Вработените во државната администрација треба да имаат цертификат за примени вакцини, рече Ракацоли.
Претходно, Комитетот на експерти по речиси две години го укина полицискиот час, кој траеше главно од 23 до 6 часот, но во одредени периоди и од 20 и од 22 часот до 6 часот. Еугена Томини, директорка на албанскиот Институт за јавно здравје информираше дека со една доза опфатени се 49, а со две 45 отсто од популацијата. Таа додаде дека вакцинирањето е отворено за сите над 12-годишна возраст.
Времетраењето на сертификатите за вакцинација и прележан КОВИД-19 во Грција, што сега е седум, односно три месеци, веројатно ќе се усогласи со важноста на европските сертификати, по препораката од Европската комисија до членките на ЕУ, најави министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервју за грчката телевизија „Скај“, Плеврис рече дека до сите земји членки на Унијата имало препорака од Комисијата да ги унифицираат сертификатите и да важат девет месеци по вакцинацијата и шест месеци по прележан КОВИД-19, а конкретното прашање, како и сите мерки поврзани со пандемијата во Грција, ќе го разгледа надлежната Комисија на епидемиолози.
Иако европскиот сертификат за вакцинација е валиден девет, а сертификатот за прележан КОВИД-19 шест месеци, во внатрешноста на Грција, важност е седум, односно три месеци, нешто што важи и за странците кои ја посетуваат земјата и доколку се усвои препораката од ЕК, ќе се поедностават правилата за туристите.
Како што неколкупати има објавено МИА, за патување во Грција, сертификатот за вакцинација е со важност од девет месеци по втората доза и без ограничувања по примена бустер доза, а потврдата за прележана болест трае 180 дена.
Во внатрешноста на земјата, сертификатите имаат помало времетраење, па така, иако за влез во земјата европскиот сертификат за вакцинација и прележана болест важат девет месеци по втората доза и шест месеци по првиот позитивен тест, во Грција, за влез во затворените објекти во земјата, валидноста е помала, односно седум месеци за сертификатот за вакцинација и 90 дена за потврдата за прележан КОВИД-19.
– Мислам дека повеќето од нас сметаме дека на есен ќе биде потребна една повторна доза, истакна професорката епидемиолог Вана Пепаевангелу на редовната прес конференција во Министерството за здравство на Грција, во однос на тоа дали за општото население ќе биде потребна и четврта доза, јави дописничката на МИА од Атина.
Професорката Пепаевангелу, која е и член на Комисијата за вакцинација, објасни дека за конкретното прашање веќе е започната дискусија и се во фаза на проучување на епидемиолошките и клиничките податоци, а во исто време внимателно ги следат и одлуките на другите европски земји.
Во однос на пандемијата во земјата, според Папаевангелу, зголемениот број нови случаи на КОВИД-19 во изминатиот период во земјата се должи на доминацијата на варијантата Омикрон 2, но објасни дека според математичките модели, конкретниот бран ќе кулминира во следните денови и ќе трае пократко од претходните.
Бројот на активни случаи на КОВИД-19 во Грција е околу 176.000 и бележи зголемување во споредба со пред две седмици, а во просек дневно има по 21.000 новозаразени и процентот на позитивни случаи од направени тестови просечно е околу 8,2 отсто.
Од почетокот на пандемијата во Грција се потврдени 3.030.429 случаи на КОВИД-19 и починаа вкупно 27.510 лица.
Швајцарија вчера ги укина последните преостанати ограничувања за КОВИД-19, а Италија ја прекина вонредната состојба прогласена поради пандемијата. Во Швајцарија, маските повеќе не се задолжителни во јавниот транспорт и здравствените установи, а апликацијата „Ковид-19“ за следење контакти е деактивирана.
Луѓето заразени со коронавирус повеќе не мора да одат во самоизолација, но властите, сепак, ги повикуваат да останат дома доколку имаат симптоми на КОВИД-19. Тие оценуваат дека кај населението преовладува висок имунитет, а состојбата на интензивна нега е стабилна. Но, и натаму сакаат да одржат „засилена будност“ до пролетта 2023 година.
Властите во Рим, пак, одлучија да ја укинат вонредната состојба наметната од пандемијата, како и зелената пропусница за местата каде беше потребна. Од вчера гостите во хотелите повеќе нема да треба да докажуваат дали се вакцинирани против КОВИД-19, дали биле заразени со вирусот или имаат негативен тест. Овој сертификат повеќе не е потребен ниту за влез во ресторани и барови на отворено, но за внатрешниот простор и натаму се бара. Маските се уште се неопходни во затворен простор. Сертификатите исто така повеќе не се потребни за влез во музеи и изложби, но се бараат во театри, кина и концерти на затворено.
Распространетоста на КОВИД-19 кај Британците е на највисоко ниво од почетокот на пандемијата во 2020 година, покажаа вчерашните податоци од Британскиот Национален завод за статистика (ОНС). Се верува дека во последната недела од март, едно од 13 лица имало коронавирус, што е четврто последователно зголемување, додека една недела претходно соодносот бил еден спрема 16. ОНС проценува дека 4,1 милиони луѓе во Англија имале Ковид-19. Податоците пристигнаа истиот ден кога беше укинато бесплатното тестирање за Ковид-19 за граѓаните. Комплетот за самотестирање сега генерално чини околу две фунти, додека лабораторискиот ПЦР тест чини помеѓу 40 и 90 фунти.
Лидерот на опозициските лабуристи Кир Стармер предупреди дека укинувањето на бесплатното тестирање може да значи дека помалку луѓе ќе бидат тестирани кога ќе имаат симптоми. Владата соопшти дека здравствените работници, работниците од социјалната помош и најранливите ќе можат бесплатно да се тестираат.
Во САД, хоспитализациите од КОВИД-19 се наоѓаат на најниско ниво од почетокот на пандемијата досега, јавија од американското Министерство за здравство.