Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, бројот на новозаразени од КОВИД-19 е намален 8 отсто минатата седмица во споредба со претходната. Од 13 до 19 декември заболеле 1922 лица.
Тестирани се 19 943, за 8,1 отсто повеќе од претходната седмица. Процентот на позитивност се движи од 6,9 до 12,4, а просечно 9,6. Најмногу новозаразени има во Скопје.
Намалување на заболени има во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години (22,8 отсто). Најмалку заболени се регистрирани кај возрасната група од 0-9 години (3,5 отсто). Според полот, 52,8 отсто од заболените се жени, а 47,2 мажи.
Пријавени се 66 смртни случаи, најмногу (19) во Скопје и од возрасната група над 60 години (80,3 проценти).
Во минатата недела (13-19 декември) биле регистрирани 36 реинфекции на коронавирусот, а од почетокот на епидемијата вкупно се пријавени 1013 повторени инфекции односно 0,46 отсто од вкупно 221 411 заразени заклучно со 19 декември.
Хоспитализирани се 347 што е за 18,7 отсто помалку од претходната недела. Од нив, 243 се на кислородна поддршка и 12 на механичка вентилација.
Според податоците на ИЈЗ за вчера, регистрирани се 335 нови случаи на КОВИД-19 од 3543 тестирања, од кои 179 во Скопје. Евидентирани беа 515 оздравени пациенти и 13 починати лица. Осум се починати во 24 часа, а пет се со датум на смрт од 26 ноември до 16 декември 2021. Вкупниот број смртни случаи како последица на коронавирусот достигна 7838. Активни случаи во целата држава има 5182.
Со најновата одлука на германските власти, им се дозволува неограничен влез во Германија на сите државјани на Северна Македонија која повеќе не се смета за „ковид ризична област” во Сојузна Република Германија.
Сепак, како што соопшти Министерството за надворешни работи, сите лица над 12 години кои пристигнуваат во Германија, без разлика со кој вид транспорт, и понатаму ќе треба да приложат потврда за негативен тест или потврда за прележан Ковид-19 или потврда за целосна вакцинација.
Со најновата одлука на Грција, сите патници над петгодишна возраст при влез во Грција, покрај сертификатите за извршена вакцинација или прележана болест, мора да поседуваат потврда за негативен резултат од ПЦР-тест (не постар од 72 часа) или потврда за негативен резултат од рапид-тест (не постар од 24 часа), наведоа од МНР.
За влез во Австрија, пак, сите лица треба да приложат сертификат за целосна вакцинација или доказ за примена бустер доза на вакцина или доказ за прележана болест (не постари од шест месеци), заедно со негативен ПЦР-тест (не постар од 72 часа). Во овие случаи не се определува мерка карантин.
Европската комисија вчера усвои регулатива за важење на сертификатите за Ковид-19 девет месеци од примарната вакцинација, изјави претставник на Европска Унија. Новите прописи ќе бидат обврзувачки за 27 земји-членки од 1 февруари.
Откако беше првпат регистриран во Јужна Африка во ноември, сојот омикрон е идентификуван во десетици земји, што ги урна надежите дека најлошото од пандемијата е зад нас.
Поради брзиот пораст на бројот на новозаразени, генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус апелираше дека е подобро да се откажат прославите.
Тој вчера истакна дека сега треба да се фокусираме на ставање крај на оваа пандемија и го повика светот да се обедини и да донесе тешки одлуки потребни за да се стави крај на пандемијата на КОВИД-19 следната година.
– 2022 мора да биде година кога ќе ставиме крај на пандемијата. Сите сакаме да поминуваме време со пријателите и семејството. Сите сакаме да се вратиме во нормала. Но, за да се вратиме во нормала, треба да се заштитиме сега бидејќи случаите на омикрон, кој многу брзо се шири, се зголемуваат, изјави генералниот директор на СЗО.