Колективен имунитет до крајот на летото, очекува министерот за здравство Венко Филипче. Тој, како што изјави во вчерашното интервју на Радио Слободна Европа, очекува со сите вакцини што треба да пристигнат во земјава, до крајот на летото да се постигне колективен имунитет. Министерот нагласи дека сите вакцини се безбедни и нема потреба граѓаните да преферираат една наспроти друга вакцина.
– Сега, со пристигнувањето на оваа значајно голема количина вакцини, а очекуваме уште стотина илјади на 15 мај, повторно од производителот „Синофарм“ и количината од 500 илјади вакцини од производителот „Синовак“ до крајот на мај, значи една значајно голема количина, која ќе се дистрибуира по овие два канала што ги спомнав, решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа се направи пресек на 30 април – сите граѓани коишто се пријавени на сајтот vakcinacija.mk, а тоа се невакцинирани близу 160 илјади, во период од две недели, значи некаде до 15 мај, ќе добијат термин за вакцинација преку СМС-порака или мејл, со точно време и пункт каде треба да се јават, рече Филипче.
Посочи дека се става приоритет на тие кои покажале интерес за вакцинација и затоа апелира граѓаните да се пријават на сајтот и да ги има во системот „Мој термин“ за да може понатаму да се креираат тие приоритети.
Неофицијално се очекува ново олабавување на мерките во наредните денови.
Министерството за здравство информира дека заклучно со завчера вакцинирани биле вкупно 107.978 граѓани, а на веб-платформата „vakcinacija.mk“ се пријавиле 279.909 лица.
Нагласуваат дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.
– Во државата вкупно се аплицирани 130.878 дози вакцини, а ревакцинирани се 22.900 граѓани. Со последните бројки околу 30 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, соопштија вчера од Министерството за здравство.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
Во последниот период состојбата со Ковид-19 се смирува, а тоа го покажуваат бројките на Институтот за јавно здравје. Вчера беа регистрирани нови 135 случаи на заразени со коронавирусот од направени 1.993 тестирања, или 6,7 отсто, 14 починати и 298 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 740.005 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.026, бројката на оздравени пациенти е 137.962, на починати е 5.093, а бројот на активни случаи изнесува 10.971.
Најмногу активни случаи има во Скопје – 5047, Куманово – 877, Битола – 701, Прилеп – 449, Тетово – 447,
Охрид – 401. Во другите градови се под 400 активни.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 760 и има околу 915 празни болнички кревети во ковид центрите. Во болниците низ државата се лекуваат 436 ковид-пациенти, а во главниот град 324.
Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, вчера во болницата во Битола беа хоспитализирани 51 пациент позитивен и суспектен на Ковид 19, во Штип 52, на инфективното одделение во Тетово има 11 пациенти, во Велес се лекуваат 50 болни, а во Куманово 53 пациенти. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 50 пациенти, во Прилеп 39, во Гостивар 15, а во Струга 16 болни, во Струмица 40 пациенти, во Кочани 19, во Кичево 9, Кавадарци 25, а во Гевгелија 6 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.
Во ковид центрите во Скопје вкупно се лекуваат 324 лица.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 115 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 96 пациенти, додека на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле има 8 пациенти. На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на Ковид 19 вирусот. На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 5 болни.
Од Министерството за здравство потенцираат дека бројот на приеми во изминативе денови се намалува. Во скопските ковид-центри има 350 слободни места.
МВР во претходното деноноќие регистрира пет прекршувања на забраната за движење и 522 прекршоци за неносење лична заштита на лице.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата за да се спречи ширењето на коронавирусот.