Економските институти значително ги намалија прогнозите за раст оваа година, а индустријата веќе регистрира помали нарачки.
Водечките економски институти во Германија прогласија крај на многугодишниот економски раст во Германија. За 2019 година, прогнозираа раст на бруто-домашниот производ (БДП) од само 0,8 проценти – само пред неколку месеци очекуваа 1,9 проценти.
„Бумот на германската економија е завршен”, вели заменик- претседателот на Институтот за економски истражувања од Хале, Оливер Холтмелер, презентирајќи ја заедничка анализа на неколку водечки институти, објавена на 4 април. „Сепак, сметаме дека опасноста од изразена рецесија засега е ниска. „За 2020 година, експертите предвидуваат раст од 1,8 проценти. Анализата ја направија институтите во Есен, Берлин, Минхен, Кил и Хале.
Надворешни и внатрешни закани
Ако дојде до нерегулирано излегување на Велика Британија од Европската унија, односно, т.н. „тврд“ Брегзит, економскиот раст во Германија е веројатно ќе биде „значително понизок” отколку што претходно се проценуваше, како во оваа, така и за следната година, сметаат економистите. Тие, исто така, ги забележуваат ризиците од нерешениот трговски спор помеѓу двете најголеми економии во светот, САД и Кина. На национално, германски ниво, економијата ја забавуваат: недостигот од квалификувани работници, проблеми со испораки на стоки и тешкотии во автомобилската индустрија.
И покрај растечката загриженост, министерот за економија, Питер Алтмајер, очекува економската ситуација да се подобри наскоро. „Забавувањето на макроекономските движења регистрирани во втората половина од 2018 година постепено ќе се надминат, подоцна оваа година”, рече Алтмајер по објавувањето на заедничката дијагноза на експертите: „Економијата ќе заживее оваа година, но без високата динамика, која ја имавме во последниве години” , рече овој политичар на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
Ризици поради економската политика
„Германската економската политика, исто така, создава ризици, на пример, оптоварувајќи ја долгорочната стабилност на законското пензиско осигурување со значајни придобивки, кое нема да може да се финансира од приходите од придонесите”, критикуваат институтите. „Тоа укажува на зголемување на даноците, што ќе ја направи Германија помалку атрактивна за инвестирање”. Политиката, советуваат економистите, треба да се фокусира повеќе на подобрување на условите за инвеститорите.
Се очекува да продолжи растот на вработеноста, но со побавно темпо. До 2020 година, бројот на вработени ќе се зголеми на 45,5 милиони, што ќе биде околу 700,000 повеќе отколку во 2018 година. Во истиот период, бројот на невработени се очекува да се намали на 2,1 милиони. И покрај слабиот економски раст, експертите очекуваат продолжување на силниот суфицит на државната каса. Во тековната година, плусот треба да биде 41,8 милијарди евра, а во 2020 година е малку помал – 35,6 милијарди евра.
Ваквата заедничка дијагноза на експертите, обично и служи на федералната германска влада како основа за сопствените предвидувања, а тоа исто така претставува основа за проценка на даноците. Владата речиси ја преполови својата проценка за оваа година на 1,0 отсто, а во наредната година очекува раст од 1,6 отсто.
Голем пад на нарачките во индустријата
Во исто време, Сојузното министерство за економија објави дека германската индустрија во февруари имала неочекувано најостар пад во период малку подолг од последните две години.
Нарачките во Германија паднаа за 1,6 отсто во февруари, додека странските паднаа за дури шест отсто. Посебно се намалиле нарачките од земјите надвор од еврозоната – за 7,9 отсто.
Министерството соопшти дека помала побарувачка треба да се смета во наредните месеци, поради слабата глобална економија, трговските конфликти и Брегзит.
Економистите се изненадија
Се покажа дека оваа надолнина на германската економија ги изненади експертите. „Податоците се горчливо разочарување”, изјави Андреас Шојерле од Дека банка. „Уште еднаш глобалната економија ја фрли на колена германската индустрија . Глобалниот економски преокрет е екстремен и воглавно го покренува азискиот регион “.
Јенс-Оливер Никлаш од берлинското и бранденбургшкото здружение ЛББВ проценува дека ова е тежок удар: “Индустриската конјунктура е речиси во слободен пад”. За поголемиот дел од тоа, веројатно е виновна голема неизвесност поради Брегзит.
Некои експерти се надеваат во Кина – бидејќи таа го намали ДДВ-то и најавија милијарди инвестиции во инфраструктурата. “Се зависи од тоа колку долго ќе потрае додека тие стимулативни мерки на кинеската влада имаат позитивно влијание врз Европа”, вели Томас Гицел, главен економист во ВП Банк. Кина е најважниот трговски партнер на Германија.