Косовската Албанка, жртва на сексуално насилство во војната во Косово од 1998-99 година, Васфије Красниќи – Гудман, се сретна со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, од која побарала преживеаните жртви на силување во војната да не бидат заборавени во преговорите меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Красниќи – Гудман на својата страница на Фејсбук објави дека од Могерини, која е главен посредник во дијалогот меѓу Приштина и Белград, добила ветување дека ќе стори се што е во нејзина моќ тие жртви да добијат поддршка.
– Вечерва имав можност да се сретнам со Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика. Со оглед дека ЕУ е инволвирана во мировните преговори меѓу Косово и Србија, јас ја споделив загриженоста на преживеаните жртви на сексуално насилство: ние не сакаме да бидеме заборавени во преговорите, ние сакаме нашиот глас да се слушне. Таа ми вети дека ќе стори се што е во нејзина моќ тие жртви да добијат поддршка, напиша Красниќи-Гудман.
Во октомври минатата година Васфије Красниќи – Гудман на косовската телевизија РТК ја раскажа историјата за нејзиното силување од страна на припадници на српската полиција во 1999 година, со што стана првата жртва на сексуално насилство која проговоре јавно за овој вид воени злосторства во војна во Косово.