КРАТОК РОМАН
СПЛИН
(Подолжение: Петто поглавје)
5.
Пораки „Чекај ме вечерва“. Розе
Во писменцето што го најдов вденато во пукнатината на влезната врата тоа беше сѐ, но доволно барем малку да ја помести стварноста што ми се чинеше така цврсто вкопана во некој мрачен литерарен мотив. И навистина, речиси магбетовски, наеднаш целата населба како да се придвижи со длабок шум. И не само што се чинеше оти се ниша горе-долу како врз вознемирена вода, туку се движеше и некако однатре кон надвор. Со клавирските акорди од соседната полупразна куќа се случуваше нешто страшно. Беше повеќе од сигурно оти ја надвладеале стрпливата, истражувачка игра на прстите и оти нараснуваат како озрачен инсект што сега станува огромен, исполин што ќе го крене врз себе покривот и нема да запре ни кога сосема ќе ја заглуши баналноста на лажната тишина што преплавуваше сѐ наоколу.
Застанат на платформата пред влезот, збунето го диплев писменцето. Навистина не можев да запрам ништо. Сѐ си имаше свој пат, своја логика и оправдување. Дури и потреперувањето на зидот од куќата на мојот непосреден сосед-доушник беше сосема природно. Со исконската сила на Кери тој како да ги разместуваше тулите и сепак успеваше барем малку да ѕирне во мојот живот. Нашата малечка сосетка Муна, меѓутоа, веќе не беше тука, кај мене, а тој го знаеше тоа и навистина немаше никаква причина сега да доаѓа и да ме вознемирува.
Но, за чудо, тој сепак го стори тоа. Не се ни свестив кога наеднаш изнурна пред мене сиот задишан.
„Во каква состојба е вашата визба?“ – рече, голтајќи воздух.
„Мојата визба?“
„Па, зарем не сфаќате?! Сѐ плива во вода. Дојдете, дојдете ваму“.
Тој ме зграпчи за ракавот од палтото како некаков виновник и ме повлече кон својот двор. Под тесната настрешница од еден балкон се вовлековме во еден уште потесен и задушлив простор и тогаш со вчудоневиденост почувствував дека шлапкам низ вода. Соседот-доушник со напор отвори една врата пред нас и ние влеговме во темна просторија во којашто владееше апсолутна тишина. Чувствував дека водата веќе ми допира до коленици, но ништо не се гледаше.
„Почекајте, почекајте“, рече соседот и бродејќи енергично низ водата отиде уште подлабоко во просторијата. Потоа подотвори уште една врата низ која се провлече малку светлина. Но и така јас веќе се навикнав на мракот. Глетката пред мене беше морничава. Секаде наоколу пливаа празни затнати шишиња. Не можев убаво да видам, но бев сосема сигурен оти во секое од нив се наоѓа по една бродоломна порака. Нивната смисла беше сосема определена. Тие не можеа никаде да отплутаат. Само едвај уочливо ја следеа благата струја на подземниот воздух што почна да ми се вовлекува во коските.
„Не знам што да правам“, рече соседот. „Со денови се борев со дождот, но сношти и изутрината ме совлада. Не успеав да ја извлечам ниту помпата пред да биде поплавена. Сѐ е така бесмислено. Погледнете ги тие шишиња сега“.
Тја! Помислив на куферите со стари писма и фотографии што беа во мојата визба. Таа беше подеднакво длабока.
„Како е кај вас?“ – промрморе соседот, поттурнувајќи ме кон надвор. Меѓу нозете ми се маткаа шишиња со бродски пораки, од кои некои можеби се однесуваа и на мене. Доаѓав во искушение да зграпчам едно од нив и да се уверам дали навистина во него има писменце. Но тоа беше прерискантно во овој час и јас само кротко и податливо се упатив кон излезот.
Дури кога излеговме надвор, вџашено забележав оти соседот на нозете има длабоки рибарски чизми.
„А, знаете“, рече тој, сфаќајќи ја мојата збунетост, „па јас со ова се борам веќе многу години“.
Ми студеше. Ногавиците од пантолоните ми се слепија околу нозете. Дождот уситни како прскалица што неугодно ви фрла вода в лице. Се чувствував одвратно.
„Да видиме кај вас“, рече доушникот и, сега без оној тон на резигнација, повторно ме поттурна кон куќата во која што живеев. Беше сосема разбирливо да попуштам, но знам дека и огромните клавирски акорди отспротива придонесоа за таа одлука.
Излеговме од неговиот двор и, додека ги правевме оние неколку чекори до мојата капија, во далечината ми се пристори нешто чудно. Една жена и две дечиња туркаа една стара кола, обидувајќи се веројатно да го запалат моторот. Тоа го уочив само така секавично, но кога добро се загледав, во дното на улицата веќе немаше никого. Соседот ме поттурна уште еднаш, но влегувајќи во дворот сепак забележав дека таму во улицата со тие луѓе нешто се случува. Автомобилот сега работеше. Во дождовната измаглица ритмично се истураше белузлав чад од издувната цевка. Токму во моментот кога зачекорив напред, кај колата немаше никого, но наеднаш од еден близок двор истрчаа и мажот, и жената, и дечињата, и сите во рацете носеа големи перници.
„Мора и кај вас да е страшно“ – рече соседот, нестрпливо провирајќи се крај мене низ портата така што речиси се заглавивме. Не ми ни паѓаше на ум во визбата да го воведам низ станот како што тој веројатно очекуваше. Всушност, тој и се упати кон влезната врата, но јас минав низ дворот и слегов под скалилата за да ја отворам надворешната врата од визбата.
Во прв момент не можев да го најдам прекинувачот за светло и додека соседот се туркаше да распознае нешто во темницата, јас шарав со дланката по ѕидот. А потоа чкрапнав.
„Па тоа е неверојатно!“ – се вџаши доушничето. „Тоа навистина е неверојатно! Ниту капка вода! А истовремено ги копавме темелите и истовремено ги градевме куќите! Мора кај мене да има некаква пукнатина, можеби некаков извор“.
Тоа навистина беше збунувачко, но јас бргу се соземав и задоволно ги гледав своите два куфера околу кои кружеше соседот. Ги допираше како ковчези со некакво богатство, веројатно врз нив барајќи барем малку влага, барем една капка вода. Но тие, онака тврдоглаво суви и недопрени, носеа, очигледно, потрајни пораки од шишињата од неговиот темен брод.
Оваа случка сама по себе беше толку цинична што си ги простив дури и мокрите пантолони и чевли. Стутулен, малу подоцна, под тешките покривки за да се стоплам, почувствував дека нешто во мене како да се насмевнува. Тешко можев да си ја одредам суштината на таа ненадејна реакција. Од некој друг агол, од некоја друга перспектива и време, можеби навистина сето тоа и би било смешно. Во оваа вклештеност, пак, меѓу расфрланите нешта и мебелот подготвен за преселба, во студеното собиче во коешто веќе немаше смисла ни да се запали оган, веројатно можев и морав да се чувствувам поинаку.
Се пристоплив малку и ми се чинеше оти попаѓам во сон. Меѓутоа, никако не можев да заспијам. Мислата за наглото исчезнување на Муна не ме оставаше на мир.
И тогаш нешто како да ме полази. Неколку секавични слики нагло се сложија една врз друга во мошне морничава претстава. Сето тоа сѐ уште беше наполно раздробено. Некоја огромна празнина како да ме опфаќаше со сиот мебел, со сета куќа, со сета улица, со сиот град… (Низ густиот мрак што ја притискаше населбата ваму-таму претрчуваа некакви брзи суштества. Се чинеше како да се мушкаат меѓу живите огради и со хукање ги гаснат проретчените ламби… ПАТ ЗА ЕВАКУАЦИЈА! ПАТ ЗА ЕВАКУАЦИЈА!…) Каде сум го видел тоа?!… (Од еден близок двор истрчаа маж, жена и дечиња, и сите во рацете носеа големи перници…)
Речиси исплашено скокнав и нагло ја отворив влезната врата. Врз мокрите покриви на околните куќи се истураше тешка опална светлина и се чинеше дека низ облаците секој момент ќе проблесне она заборавено сонце, некаква јарка и топла светлина што ќе промени сѐ, што ќе ги озрачи куќите-мравјалници од кои наеднаш, подгреани под своите лушпи-крлушки, ќе се раздвижат луѓе-инсекти, вообичаено завјасани на сите страни. Но овој мравјалник беше мртов, како исцицан од некоја огромна муцка и исплукнат некаде далеку од каде што не допираа звуци. Во потполна штама се слушаше единствено бавното но неизбежно спуштање на облаците што одново донесуваа предвремен мрачен самрак. Воздухот тромо се придвижуваше, носејќи однекаде топол и мачен здив. Бев сигурен дека ако млацнев со јазикот ќе го почувствував и неговиот вкус, но немав храброст за таков опит. Тој, бездруго, донесуваше нешто неодредливо и заканувачко. И, иако можеби тоа беше само од прелевањето на штурата светлина, околните стебла личеа на големи лакмусови јазици што, мавтајќи околу себе, се обидуваат да го доловат и да го одредат тој неодгатлив вкус, изложувајќи се на опасноста да станат вжештено црвени, лилави, или сосема да потемнат.
Се свртев околу себе. Нештата беа така половични, како расколени надве. Имав чувство дека сосе нив се лулам од оваа страна на некаква чудна вага што не претежнува ни ваму ни таму, но во тоа неизвесно лебдење над ништожноста ниту ветува нешто добро, ниту пак остава место за некаква надеж. Всушност, со тоа сивило на чувствата имав само изнудена врска што, ете, трае и трае, зашто сѐ уште, иако некако оддалеку и само одвреме-навреме, ја чувствував онаа понорна сила на својот некогашен младешки полет. И сега, за миг, сосема неочекувано, дури поверував оти многу скоро, можеби веќе утредента, во сета таа исколченост ќе откријам некоја сосема нова, поинаква смисла, ќе ја пронајдам чудесната нишка на нивната префинета шеговитост што, едноставно, ми промакнала.
Но улицата беше пуста и мокра. Некаде далеку, над ниските покриви, видов перче чад. Веројатно таму некаде сѐ уште имаше трошка живот. Таа асоцијација беше навистина чудна, но нејзината наглост наеднаш како да ме расони: оваа населба веќе беше напуштена! Да, си спомнав за нелагодноста што одден-наден ја чувствував одејќи низ нејзините тивки улички. Бев уверен дека тоа е затоа што кон мене, од своите дувла, животинесто ѕиркаат недоверливите соседи. Сега, меѓутоа, знаев: зад матните прозорци, со спуштени ролетни или прекриени со ветви хартии и весници, зјаеше една огромна празнина, студена и онеспокојувачка. Тука веќе немаше никого. Јас, всушност, сум останал сам со пијанистот-фантаст отспротива и со доушничето што имаше непоправлива фикс-идеја оти мора да устрае на своето – да ја црпе водата од својата визба и да ме има на око.
Сиот намовнат влегов во куќата и го зграпчив телефонот. Тит-тит-тит… Можев да свртам било кој број, некого ќе добиев. Но што да му речам? Дека нема никого?! Дека сите избегале некаде?! Сосема будалесто и неверојатно.
Ја спуштив слушалката. А можеби едноставно сите си се дома, седат спокојно крај печките и ги читаат своите вообичаени весници. Можеби само јас сум преуморен и попаѓам во неподносливо тешко глувило и мачна осаменост…
Се наметнав и излегов. До вечерта имаше уште доста време. Решив да каснам нешто и да се проматкам низ градот кој сѐ уште имаше каква-таква суштина.
Но, најнапред требаше да се мине низ населбата. За миг заборавив на тоа и дури се почувствував лагодно, како веќе да сум опфатен од уличната врвулица. Минав покрај неколку куќи, не воочувајќи ништо необично. Сѐ си изгледаше така спокојно и нормално, освен пустината што незапирливо се разлеваше врз куќите како врз огромно гробиште.
Одев така кон крајот на улицата како низ некоја макабрална алеја. Сѐ беше втонато во својата неизбежност…
И тогаш, изненадувајќи се и самиот од својата постапка, неочекувано свртев во едно ќорсокаче – во уличката на Муна. Тоа беше навистина ризичен чин, но не можев а нејзиното исчезнување да не го доведам во врска со испразнувањето на населбата.
Уличката свртуваше во вид на неправилен прашалник, а куќата на Муна се наоѓаше на самиот крај. Навистина не знаев што ќе речам ако излезе некој, но сепак упорно одев напред. Влегов во дворот и се искачив по неколкуте басамаци што водеа кон пространиот трем. И тогаш… нагло го почувствував она чудно забавување, она развлекување на сликите и времето што се стопуваа во нешто неодгатливо. Да, таа состојба веќе ми беше позната, тоа веќе ми се случило некогаш порано… Ги слушнав своите чекори во тремот како да доаѓаат од некој неовдешен свет. И допирот на бравата, студен и разбудувачки – тоа беше нешто веќе доживеано…
Но вратата беше заклучена, а прозорците затворени. На ѕвончето никој не одговараше.
Ја обиколив куќата. Неколкуте обоени глинени џуџиња расфрлани меѓу голите грмушки во задниот двор беа така сурово сами и молчаливи. Наоколу владееше чуден неред на нештата што како некоја нагла помпејска судбина да ги затекнала неподготвени да сторат било што друго со себе си освен да останат така скаменети и пусти. На плетеното бавченско масиче стоеше голема кригла за пиво полна со дождовница. Еден од столовите беше одвлечкан под лозницата, а малку подалеку, до една лопата заринкана среде недовршена бразда, лежеше малечка градинарска мотика со голема грутка кал на сечилото.
Од оваа страна на куќата имаше широки, светли прозорци. Меѓутоа, сега и тие беа некако на брза рака затемнети однатре. Но вратата што водеше во дворот, за чудо, беше малу подотворена. Некој, очигледно, намерно така ја оставил, зашто одоздола беше вклинчена со едно штиче. Се обѕрнав, но соседните куќи и натаму длабоко чмаеја во своето несфатливо глувило. Не знам, можеби некој од некаде сепак таинствено го следеше моето сомнително маткање низ туѓ двор, но јас сеедно решив да влезам во куќата. Впрочем, на тоа имав и право. Муна за мене не беше само обична случајност. Навистина, не оти кога и да е сум замислувал семејни слики сврзани со неа, но такво нешто сосема природно можело и да ми се случи. Граѓанската удобност, со топол дом, палави дечиња и драги пријатели, со сета таинственост на возбудливите интимни мигови и соништа – сето тоа сепак не беше само некаква недоловлива, трансцедентна мисла кон која не би можел да се приклонам.
Во куќата беше темно и студено. Сите внатрешни врати беа подотворени и скудната светлина се прекршуваше токму врз разиграните поврвнини на салонскиот мебел. Тој беше совршено распореден, сосема модерен и светол, дури блескотен, со откачени, стаклести поврвнини и со чудни стилски решенија, но сепак, во себе имаше нешто крајно одбивно и мачно, Не, не можев во него да препознам ништо од душата на Муна. Сите нешта, сите нивни односи навистина фасцинираа со својата непојмлива чистота и рационалност, но предумислата беше очигледна и непобитна.
Во атмосферата на тој дом, во крајната децидност на сценографијата имаше нешто филмично, нешто што вртолумно се разлистуваше како возбудлива книга на снимање во која беше ужасно и да се погледне.
Се стемни уште повеќе. Низ подотворените врати влегуваше непријатен влажен здив. Во тропкањето на гранките од некоја овошка врз џамовите од предниот дел на куќата се вплетка и некаков нејасен шум. Сѐ беше така неодредливо и тегобно и ни самиот не знаев зошто ја продолжувам таа неподнослива состојба на исчекување и истрпнатост. Но, имав чувство дека нешто сепак ќе се случи, дека нешто ќе одгатнам. Помислата да душкам низ собите, да се загледувам во семејните портрети и групни фотографии по ѕидовите беше бесмислена и одбивна, зашто тоа мое претчувство во себе носеше нешто сосема друго, речиси спиритуелно. Едноставно, како да очекував некаква порака.
Шумовите зачестија, менувајќи го одвреме-навреме интензитетот. Доаѓаа одблиску, па се оддалечуваа, речиси излегуваа од дворот и кружеа низ празнините на околните куќи.
Во таа гробност на нештата наеднаш се почувствував како некоја студена бронзена скулптуричка што со стравотна брзина се завртува в место, згуснувајќи ја нагло темнината околу себе. Не беше тоа ошумоглавеност, зашто со ширум отворени очи бев загледан во предметите околу себе и не само што можев да ги видам, туку ја знаев и нивната намена. Можев и да чекорам ваму-таму без да паднам. Го знаев и своето име и името на Муна… Но, сепак,нешто се случуваше во тој простор. Шумовите уште повеќе зачестија и нагло се забавуваа како некаква звучна лента што споулавено се врти наназад. Низ главата ми прелетуваа неверојатни слики од кои само некои беа сосема разбирливи. Ги препознавав своите стари, мачни соништа што сега се лепеа едни врз други како на некаков тридимензионален колаж.
Светот, несомнено, се поместуваше. Го знаев тоа, но не можев да дефинирам како и зошто. Нешто незапирливо нѐ влечкаше кон некаков крај кој можеби и ќе објаснеше сѐ, но можеше да се случи и неочекувано да нѐ повлече во онаа стравотна ништожност, во апсолутот на празнината.
Надвор тресна гром и нагло се истури невиден порој. Запласка така силно што низ отворените врати насекаде по подот се разлеаја мали кривулести поточиња. Зачестени дождовни бранови, понесени од ветерот, удираа врз џамовите со подмолна бучава што потсетуваше на стихија, на водишта што корнат сѐ што ќе им се испречи на патот.
Само еднаш, во детството, доживеав нешто слично. И тогаш сѐ се збидна исто така чудно и нагло, и можеби тој дамнешен настан сега добиваше свое појаснување… Додека игравме топка на малото игралиште покрај пругата, одеднаш се крена неподносливо силен ветер. Нѐ поткреваше и нас како ветрушки и сета наша игра за миг се претвори во мачен грч. Се обидувавме да избегаме од лединката, но ветерот како да сакаше да нѐ задржи токму тука, и само тука, за да ја видиме огромната долгунеста и црна пијавица од прав што се креваше од другата страна на пругата. Таму се наоѓаше стар склад за јаглен што по целата поврвнина имаше дебели наслојки црна прашина. Ја познававме нејзината врелина кога во усвитениот август, одејќи на капење на недалечната река, претрчувавме боси низ складот што не беше ограден. Но овој неочекуван есенски ветер со сурови движења го разбуричка просторот и ги избриша сите наши спомени. Со вџашени очи гледавме како пијавицата станува сѐ поголема и сѐ поцрна, како се доближува, полека, сигурно, како минувајќи ја пругата потсобира најразлични отпадоци меѓу нејзините прагови и, еве ја, се вдава врз нас, нѐ засипува со темнина и горчлив вкус, со крцкот меѓу забите и со задушлива сувост на воздухот. Една по друга зачкрипаа и трите големи липи, а средната силно запраска и едноставно се расчатали надве како огромен јадец. Оковани во ветерот, чувствувавме како нѐ засипуваат откинатите гранки и лисја, некакви вреќички, хартии и ситни камчиња. Пијавицата веќе ги корнеше и грмушките по работ од игралиштето. Се чинеше дека, еве, секој час и нас ќе нѐ вовлече во својата долга правлива труба и оти како пердувчиња ќе нѐ вцица во широкиот дел од својата развиорена лејка. И тогаш наеднаш се случи нешто така неверојатно: ветерот нагло папса, а врз земјата тапо затропкаа крупни дождовни капки, и додека успеавме и да помислиме дека ќе заврне, врз нас веќе се истураше вистински порој, црн и валкан, порој што го размачкуваше просторот со тој гареж измешан со земја. Кога малку се соземавме, растрчувајќи се накај куќите, можевме да видиме како насекаде се слеваат мали црни реки. Го помнам уште и исплашеното лице на Цоко – мојот најдобар другар од детството – тоа лице беше знак, црн и сосема неразбирлив, знак од кој гледаа две исто така црни исплашени очи…
И еве, сега, го имав истото чувство. Бев речиси уверен дека водата надвор ќе ги исполни улиците како големи кади и, кревајќи се до прозорците, со сета своја тежина ќе ги раздроби сосе рамките, и ќе ме потсобере и мене со тој бран од срча и нечиста пена…
Секако имаше начин да се уверам дека тоа е само мрачна претстава. Дождот беше реален и, доколку истрчав надвор, несомнено ќе ме разбудеше. Но јас направив грешка…
Подотворив една врата… Така и очекував – таа водеше кон визбата. Ме полазија морници при помислата да слезам долу, но слутев оти таму се случува нешто необично. Слушнав сосема јасен шум на шлапкање на водени бранчиња. Долу беше темно, меѓутоа додека неуспешно се обидував да пронајдам некаков прекинувач за ламба, успеав единствено да го навикнам погледот на темница. Удолу водеа само неколку скали. Водата беше висока, а кога слегов чекор-два видов дека низ ниските прозорчиња на визбата и натаму се слеваат матни водопади. Но водата ќе беше сосема занемарлива доколку, како во визбата на мојот сосед, насекаде не пливаа затнати шишиња меѓу кои, навалено како темна санта, се лулкаше и едно винско буре.
Со ужас ги гледав шишињата, очекувајќи, како во некој морбиден филм, наеднаш врз рамото да почувствувам нечија непозната, студена рака. А сиот овој грозомор можеше да заврши и така што меѓу шишињата наеднаш да исплива шареното телце со слепени влакненца, мачето Филип, со вкочанета, зината муцка и отворени очи… А по него, меѓу бесмислените нешта, од дното на визбата можеше да изнурне и заспаното кревко тело на Офелија, на Муна, што го одбрала сонот меѓу тие мрачни пораки на времето.
Вџашен од самата помисла, истрчав од куќата како збудален. Поројот се навалуваше ту ваму ту таму, пласкајќи врз студените и празни куќи. Ја чувствував неговата сила врз лицето, но морав да го издржам, морав да истрпам да ја измие од мене црната јаглена прав…
(Продолжува утре, во понеделник, на 26 декември)