Секоја девојка и жена е среќна кога ќе добие букет со цвеќе, макар и еден цвет, цвеќето e прекрасно за очи и шири пријатни мириси, ама цвеќето е уште подрагоцено затоа што е симбол на љубовта – кон тие што ги сакаме и тие што нас не сакаат, симбол на убавината, на пролетта.
Месеците мај-јуни се месеци кога се’ е како во рај благодарение на најголемиот број разнобојни миризливи пролетни цвеќиња кои цветаат и ги красат дворовите, градините, парковите, балконите. Цвеќето овој пат како дел од креациите на Јагода Пачемска која 21 година има свое Арт студио за цвеќе „фа-Бу“ во Велес.
Кон крајот на февруари годинава во своето Арт студио за цвеќе, лоцирано под зградата на поранешниот Офицерски дом во Велес, изработи цветен фустан во жолто зелена комбинација. Овој уникатен и несекојдневен фустан од цвеќе има можност и да се облече и да носи за некој свечен момент.
-Добив моментална инспирација бидејќи мимозите се едно од моите омилени цвеќиња, седнав и го изработив за четири-пет часа.Еве веќе три месеци откако е изработен и стои на модел кукла, цвеќето се исуши, но фустанот се уште може да се облече, појасни Јагода.
Таа деновиве веќе размислуван и се подготвува да изработи и нови цветни креации-фустани од разновидни пролетни цветови: од рози, кали, мајски божур и секој друг пролетен цвет, зависно од изборот на заинтересираните кои цветови сакаат да ги има во нејзиниот цветен фустан.
Првото јавно претставување на 11 Моден викенд во Скопје
Јагода потенцира дека цвеќето е нејзината најголема љубов и затоа не случајно пред 21 година отворила цвеќарница, која прерасна во Арт студио за цвеќе. Таа појаснува дека цвеќето е нејзина инспирација за бројните цветни аранжмани, а ја следи и светската мода и еден ден решила сето тоа да го поврзе и да ја искористи својата креативност и да изработи цветен фустан. Сето тоа започнало во 2015 година и тоа со изработка на пет фустани наеднаш за кои и биле потребни 17 часа напорна работа, а со кои се претставила на 11 от Моден викенд во Скопје.
-Фустаните ги изработив од свежо цвеќе: орхидеи, антуриуми, стрелиции, еустома, гербери, рози, хризантеми и зеленило и други додатоци. Ми беше важно да се разликуваат еден од друг, не само по типот на цвеќе, туку и да бидат удобни за носење. Девојките – манекенки по ревијата задоволни оценија дека цветниот фустан е лесен и пријатен за носење. Јас бев презадоволна и пресреќна за тоа како помина кај публиката првата ревија и првото мое претставување на моите цветни модни креации и оттогаш сум редовно поканета на сите позначајни модни ревии, кои ги организира Фешн викенд во Скопје, и на Саемот за венчаници, информира Јагода.
Најмногу време од петте и одземала изработката на балон фустан од над 500 каранфили и многу мали ливчиња кои ги прилепувала на цветниот фустан за да се добие линијата и тие ситни делчиња, појасни Јагода.
Инаку од 2015 година редовно учествува на оваа и останатите модни ревии во Скопје, кои за жал поради корона епидемијата лани не се одржа. Но таа сепак очекува по смирувањето на епидемијата, повторно да се одржат и таа наскоро ќе изработи некоја нова модна креација на фустан од цвеќе.
Јагода вели дека одамна копнее и се надева дека наскоро ќе се пријави и некоја смела девојка која за својата свадба ќе и порача цветен фустан. Појаснува дека за тоа најнежни за бел фустан се бели орхидеи и со нетрпение очекува идејата наскоро и да ја реализира, а нејзината венчаница со радост да ја носи некоја идна невеста можеби уште ова претстојно лето.
-Можам да изработувам секакви креаици на фустани, па и од народни носии. Пред неколку години имаше идеја од организаторите на Фолклорниот фестивал во Велес да се претставам со цветна креација на носија. Идејата ми беше готова, но во последен момент тоа се откажа, но се надевам дека наскоро ќе изработам и ваква цветна креација од убавите македонски народни носии, најави Јагода.
Јагода е единствена цветна креаторка за фустани во земјава па и пошироко која освен што креира фустани од цвеќе креира и аксесори-модни додатоци, најчесто чевли и ташни, како и накит од природно цвеќе, шешири и сите останати детали кои ја прават модата привлечна.
Таа пред неколку години ја претстави на јавноста и својата колекција на чевли и чанти која ја изработи специјално за Брендот „Паоло Бочели“ со кој соработуваше неколку години.
Воедно се претставила со своја хуманитарна ревија на фустан и цветни шишири како прилог на хуманитарната Фондацијата на Ребека која се одржала во рамки на програмата на Коњските трки.
Јагода во својата богата кариера соработувала и соработува со многу бутици и модни студија и разни фирми на кои им ги изработила своите модни креации, а декорира и сали за свадби и разни свечености.
Потенцира дека посебно задоволство и е кога своите вештини за цветни креации им ги претставува на најмладите – децата. Така пред неколку години за децата од СОС Детско село одржала и обука за цветни дизајни и се надева дека соработката и едукативните работилници и школи со децата и младите по завршување на епидемијата, наскоро пак ќе продолжат.
Јагода освоила и бројни награди за својата работа меѓу кои посебно и е драго признанието за Најуспешна жена претприемач во категоријата најкреативен бизнис.
Сигурно многу од девојките и жените ќе посакаат да бидат уникатни и барем една вечер во животот да облечат цветен фустан од природно свежо цвеќе по нивни избор изработен од вештите раце на Јагода Пачемска.
За скоро пишување на нови стории за нови модни цветни ревиии, сега на потег се храбрите девојки и жени со стил. Во студиото на Јагода Пачемска, од нејзините раце секоја цветна фантазија само за неколку часа може да стане стварност – реализирана во најубава цветна креација на фустан од најразновидни разнобојни пролетни цветови.
Антоанела Димитриевска за МИА