Креативен културно-едукативен камп за деца во чии рамки најмладите ќе се запознаваат со основите на музичко-сценските уметности од денеска се одржува во Охрид.
Станува збор за проект на уметниците Дејан Лилиќ, Андријана Јаневска и Сони Петровски, во чии рамки се предвидени повеќе активности како теоретски и практични вежби преку кои најмладите ќе учат за правилно дишење, артикулација, изговор, трема и како да се справите со трема, сцена и однос кон публика, соло пеење, пеење во група, темпо, ритам, динамика, однос кон микрофон и подигнување на личен и тимски дух.
– Идејата за еден ваков креативен летен камп потекна од културно-едукативниот центар „Креатив“, односно е заеднички проект на неколку луѓе кои се активни во областа на музичко-сценските активности. Во Република Македонија има повеќе вакви кампови кои претежно се поврзани со спортот, што според мене е одлично, но добро е да се внесе и една ваква новина, односно еден ваков креативен летен камп, кој ќе се занимава со малку поинакви теми, појасни актерот Дејан Лилиќ.
Најави дека во рамки на кампот од денеска до в сабота ќе се одржат седум работилници каде 40-тина деца ќе можат професионално да се запознаат со теми кои не се третираат во голема мера во редовниот образовен процес.
Организаторите се надеваат дека кампот ќе прерасне во традиција, не само во Охрид, туку и во други градови каде ќе работат со младите.
Композиторот Сони Петровски кој е дел од тимот што раководи со кампот појасни дека се работи за активност насочена кон неформално образование на младите, односно поттикнување и развој на нивните таленти.
Активностите во рамки на кампот ќе бидат заокружени со фестивалот „Детски свет“, што ќе се одржи на малиот плоштад пред ТЦ „Амам“ во Охрид в сабота во перидот од 12 до 15 часот.
За сите млади од Охрид учеството е бесплатно, што според организаторите се очекува да биде дополнителен мотив за младите од градот активно да се вклучат во настаните.