Кремљ денеска соопшти дека Иран не контактирал со Москва со барање за испорака на оружје и дека ставот на Русија по ова прашање е добро познат, обвинувајќи ги САД и Израел дека се обидуваат да ги вовлечат арапските земји во поширок конфликт на Блискиот Исток.

Иран минатата година потпиша 20-годишен договор за стратешко партнерство со Москва, Русија гради два нови нуклеарни реактори во Бушер, местото на единствената нуклеарна централа во Иран, а Иран ѝ испорача на Русија беспилотни летала „Шахед“ за употреба против Украина.

На прашање на новинарите денеска дали Русија има намера да му обезбеди материјална помош на Иран, вклучително и испорака на оружје, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави: „Во овој случај, немаше барања од иранска страна. Нашата конзистентна позиција е добро позната на сите и немаше никакви промени во овој поглед“.

Русија ги осуди нападите на САД и Израел и повика на итен прекин на огнот против земјата со која се зближи во последните години.

Кремљ тврди дека двете земји го провоцираат Иран да нападне цели низ регионот, велејќи дека нема знаци дека Вашингтон и Тел Авив ќе попуштат.

Земјите од Заливот, сите блиски сојузници на САД, некои со блиски врски со Русија, беа подложени на ирански напади со беспилотни летала и ракети откако САД и Израел во саботата започнаа воздушни напади врз Иран.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска телефонски разговараше со лидерите на четири арапски држави од Заливот. Во разговорот, тој понуди да ги искористи своите врски со Иран за да ги пренесе загриженостите во врска со нападите на Техеран врз нафтената инфраструктура низ регионот.

Во денешното соопштение руското Министерство за надворешни работи ги обвини САД и Израел дека намерно се обидуваат да ги вовлечат арапските држави од Заливот во поширок конфликт.

– Тие намерно го провоцираа Иран да возврати на цели во некои арапски земји, што доведе до човечки и материјални загуби, за што руската страна длабоко жали, објави министерството.

– Со ова тие (Вашингтон и Тел Авив) се обидуваат да ги вовлечат Арапите во војна за туѓи интереси, беше додадено.

Фото: Архива