Лидерите на Кина и Индија, Шји Џјинпинг и Нарендра Моди, изразиле пред рускиот претседател Владимир Путин подготвеност да помогнат за ставање крај на конфликтот во Украина, а Путин на предлогот реагирал многу позитивно, соопшти денеска Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека разговорот се одржал на маргините на самитот на БРИКС во Њу Делхи и дека Русија е отворена за напорите на секоја држава која би можела да го искористи своето влијание за да го поттикне Киев да покаже „поголема флексибилност“.
– Навистина, за време на контактите во Њу Делхи, и претседателот на НР Кина Шји Џјинпинг и индискиот премиер Нарендра Моди покажаа голем интерес за украинското прашање. Тие изразија подготвеност, доколку е потребно, нивните земји да одиграат улога во решавањето на конфликтот и да придонесат во тој процес. Претседателот Путин го прифати тоа многу позитивно – изјави Песков.
Портпаролот на Путин истакна дека рускиот лидер на соговорниците им дал „дополнителни појаснувања за реалната состојба во врска со процесот на решавање на конфликтот, како и за фактичката состојба на фронтот“.
Москва вели дека е подготвена да ги обнови мировните преговори, но јасно стави до знаење дека сака целосно да ја преземе контролата врз преостанатите делови од Донецката област во источна Украина што се под контрола на Киев. Киев ги отфрла територијалните отстапки.




