Смената на американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон е внатрешна работа на САД и Русија не се меша во тоа, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претседателот на Комитетот за меѓународни работи на Советот на Руската Федерација, Константин Косачов, сепак, за агенцијата Тас оцени дека заминувањето на Болтон може да ги зголеми шансите за продолжување на Договорот за намалување на стратешкото оружје (СТАРТ).
– Надежта дека новиот СТАРТ ќе биде продолжен постои се додека тој е на сила, односно до февруари 2021 година и по заминувањето на Болтон, големи се шансите договорот да биде постигнат навреме, па дури и да се подобри, рече Косачов.
Тој додаде дека Болтон упорно се спротивставувал на договорот во областа на стратешката стабилност и контрола на оружјето, мислејќи дека премногу го ограничува САД во демонстрирањето супериорност.
– Не знам дали е тоа причината што претседателот Доналд Трамп го отпушти, но знам дека тоа е причина поради која мене не ми е жал, истакна Косачов.
СТАРТ во 2011 година го потпишаа Русија и САД и ќе биде на сила до 5 февруари 2021 година доколку до тогаш не биде заменет со нов договор за намалување и ограничување на стратешкото оружје.
Договорот исто така може да биде продолжен за не повеќе од пет години и тоа со консензус на двете страни.