Крешник Бектеши, министерот за економија, во вечерашното гостување во емисијата Топ тема на ТВ Телма вели дека во Министерството за економија нема професионалци и практично ги навреди сите административци кои работат таму со години, посочувајќи дека една од причините за реорганизацијата која што е предвидена да се случи до средината на следната година е всушност министерствата да може да ангажираат експерти во време на криза за да може да понудат побрзи и поефикасни мерки, со што призна дека владата на СДСМ и ДУИ не може да изнајде соодветно решение за кризите.
-Ние во Министерството за економија моментално немаме луѓе во одредени сектори кои што би требало да бидат професионалци во тој сектор. Имаме недостатог, зошто го велам ова? Ние зборуваме за енергетска криза, ние треба да ангажираме од надвор електроинжинери, машински инженери и во креирање на правилници но и во носење на одредени одлуки, бидејќи со години наназад тој сектор има правници, економисти, има инженери, но искусен инженер кој што ќе дојде да работи за 24.000 или 30.000 денари,нема шанса, вели тој.
Преку ова реорганизација ние бараме флексибилност на сите министерства за да менаџираат со човечките ресурси во рамки на буџетите или пак со ребалансот. Не може министерствата да немаат право да ангажираат експерти и во време на криза за побрзо и поефикасно и подобро да се креираат тие мерки кои ќе бидат во интерес на стопанството и граѓаните, вели Бектеши.
Министерот Бектеши смета дека на една седница на влада не може да има 150 точки на кои што ќе дискутираат министрите и ќе носат одлуки, жалејќи се дека тоа е обемен материјал.
Ние имаме недостаток во клучни сектори во нашите институции. Според моето видување не може една седница на влада да има над 150 точки кои ќе бидат од членовите на владата. Прво и основно тоа е обемен материјал кој што се доставува, и ние како членови на Владата да ги разгледаме сите тие точки и да донесеме соодветни одлуки, јас мислам дека тоа како надлежности и одговорност треба да ги земат линиски министерствата кои што ги произлегуваат тие агенции и директорати, посочи Бектеши.