За само 10 месеци од мојот мандат имаме веќе пуштено во употреба 27 мегавати фотоволтаични централи, лидери сме во регионот во енергетска транзиција и можеме да станеме зелен центар на Европа, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Тој на партиските трибини на СДСМ не штеди пофалби за своите министри, но сега не штеди фалби и за себе и своите успеси за 10-месечниот мандат. Така беше и на вечерашната во Кочани.

– Создаваме нова економска визија за европска Македонија, заедно ја менуваме нашата татковина и ќе ја промениме, во попросперитетна и стабилна земја, почитувана дома и надвор, идна горда членка на ЕУ.
Новите фабрики и фотонапонски централи што ги отвораме, ја менуваат државата на подобро. Само во првите десет месеци од годинава во ТИРЗ се отворени 2.000 работни места, само во месец октомври имаме 500 нови работни места. Со нашите политики привлекуваме странски инвестиции и креираме нови и добро платени работни места, објави Ковачевски на својот профил на Фејсбук.

Тој не штеди фалби и за енерегетската состојба и иднина и фотоволтаичните резултати:

– Први сме во регионот и во енергетската транзиција. За само 10 месеци, само во овој краток период од мојот мандат, имаме веќе пуштено во употреба 27 мегавати фотоволтаичи централи. Лидери сме во регионот во енергетска трансформација и можеме да станеме енергетски зелен центар на Европа. Тоа е мојата енергетска визија, да бидеме европски шампиони за производство на енергија од нашето македонско сонце, објави вечерва Ковачевски.

Една од фотоволатичните централи за кои говори Ковачевски е и таа во Осломеј во која на денот на пуштањето во употреба прво гасеа пожар, а потоа седнаа свечено коалиционите партнери СДСМ и ДУИ и ја предадоа во употреба.

(Д. Г.)