Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска на јавна седница ги прогласи за виновни обвинетите во случајот „Софтвери“ во кој првообвинет беше Драги Рашковски, поранешниот генерален секретар на Владата во времето додека премиер беше Зоран Заев.
Рашковски судот го осуди на единствена затворска казна од осум години, за делото злоупотреба на службената положба е осуден на седум години затвор, а за делото перење пари, една година и шест месеци затвор.
На Рашковски му се засметува и времето поминато во притвор. Затворски казни добија и останатите обвинети.
На Ивица Димитровски му се изрекува казна затвор во траење од 5 години, на Игор Христов од 5 години и 6 месеци, на Даниел Станчев затвор од 4 години, на Игор Ивановски и Маја Сиљаноска казна затвор во траење од 3 години и 3 и пол години затвор за Ирена Ивановска.
Во Основниот кривичен суд ќе биде објавена пресудата за случајот „Софтвери“, во кој обвинети се Драги Рашковски и шест други лица.
Според обвинителниот акт, првообвинетиот, Драги Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.