Бизнисменот Јордан Камчев останува во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, откако Кривичниот совет во Основниот кривичен суд ја одби понудената гаранција.
Како што потврдуваат од Основниот кривичен суд во Скопје, Камчев, кој е обвинет во случајот „Плацови на Водно“, на ваквата одлука има право на жалба во рок од три дена до Апелација.
Бранителот на Камчев, адвокат Еленко Миланов, минатата недела на прес-конференција, информираше за понудената гаранција за тој да се брани од слобода – недвижен имот од нешто над милион и седумстотини илјади евра и готовински парични средства од 200 илјади евра, истовремено реагирајќи дека во постапката по редоследот на обвинителниот акт неговиот клиент Јордан Камчев е петтообвинет и единственото лице коешто во изминативе пет-шест месеци, се наоѓа во притвор.
Случајот „Плацеви на Водно“ го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.
Според обвинението, поранешниот премиер, кој е во бегство, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.