Заради промена на судечкиот совет, судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година „Монструм“ се враќа од почеток, но само формално со пренесување на сите досегашни изјави и изведени докази во новиот записник, со што расправата продолжи од каде што претходно застана.
Од Основниот кривичен суд во Скопје, информираат дека заради промена на судечкиот совет, односно поднесена остава на еден судија – поротник, а во брзо време и истек на мандат на друг судија – поротник, со назначување нови како и дополнителни – резервни поротници, главната расправа формално почна одново, а продолжи со изведување нови докази.
– Имено, заради ефикасност на постапката, начелото за судење во разумен рок и пред се Уставно загрантираните права и обврски на обвинетите и оштетните во постапката, одбраната се согласи наместо повторно изведување на доказите, судењето да почне формално од почеток само со пренесување на сите досегашни изјави и изведени докази во новиот записник, со што расправата продолжи онаму каде и претходно застана, а тоа е со изведување на нови докази и сослушување нови сведоци, информираат од Основен кривичен суд Скопје.
На овој начин судот, во согласност со одбараната, а постапувајќи според Законските одредби не дозволи дополнително одолговлекување на постапката, што е од интерес пред се на обвинетите и оштетените во предметот.
Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.