Управата за финансиска полиција во кординација со Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Кривична пријава против 20 физички и 15 правни лица, за сторени кривични дела за даночно затајување, соизвршителство злоупотреба на службената положба и овластување и помагање, со кои го оштетиле Буџетот на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок на доход во вкупен износ од 62.933.835 денари.

Лицето М. И. од Скопје по насоки и претходен договор со Ф. К. и Е.К. од Тетово, М. Т. и А. Д. од Велес, Д. Т., М. К. и В. Б. од Скопје, во период од 2015 до 2017 година во име на правните лица Мартоник 2013 ДООЕЛ Тетово, Голд Инженеринг ДООЕЛ Скопје, Дајмонд Инженеринг ДООЕЛ Скопје и Ваиб Електроник ДООЕЛ Скопје изготвиле и доставиле 96 (деведесет и шест) фактури со невистинита содржина на вкупен износ од 71.384.348 денари со вклучен ДДВ, без притоа да имаат реално должничко доверителски односи со правните лица: Россен центар експорт-импорт с.Стримница Желино, Розен центер експорт-импорт с.Стримница Желино, Аскинг, Д-л Бау гроуп Тетово, Делотроник ДООЕЛ Скопје, Фассион- компани Тетово, Тајмиште АД Кичево, Техно текс Ќенан ДОО Тетово и Алдинг инженеринг Скопје, и од истите примиле парични средства во вкупен износ од 66.686.686 денари на банкарските сметки депонирани во Капитал Банка АД Скопје, кои ги подигнале во готово, соопшти Управата за финансиска полиција

Паричните средства биле подигнати спротивно на законските прописи како позајмици или материјални трошоци, за кои немале економска оправданост и не биле во функција на дејноста на правниот субјект и им ги враќале во готово на корисниците на фиктивните фактури, а за услугата задржувале провизија во износ од 2 до 5 проценти.

-Пријавените во име на правните субјекти корисници на фиктивни фактури: Россен центар, Розен центер, Аскинг, Д-л Бау гроуп, Делотроник, Фассион- компани, Тајмиште АД, Алдинг инженеринг се стекнале со противправна имотна корист во износ од 66.686.686 денари, на начин што по претходен договор ги употребиле фиктивни фактури за извршена наводна набавка на стоки и услуги во вкупен износ од 70.228.448 денари со вклучен ДДВ во износ од 9.498.082  денари, истите ги евидентирале во своето сметководство и во даночните пријави за ДДВ и извршиле неоснован поврат на ДДВ, а во завршните сметки искажале неточни податоци и ја намалиле даночната основа за Данок на добивка во вкупен износ од 7.172.341 денари, односно, за вкупен износ од 16.670.423 денари го оштетиле Буџетот, се појаснува во соопштението.

Пријавените лица Е.К., Ш.К. и С.К.З. вработени во Капитал Банка АД – експозитура Тетово во својство на банкарски службеници воедно и сметководители на горенаведените правни лица, учествувале во поврзување на горенаведените физички и правни лица, и истите во нивно име спротивно на закон реализирале претходно потпишани бланко налози за пренос и подигнување на парични средства од правните лица Мартоник 2013 ДООЕЛ Тетово, Голд Инженеринг ДООЕЛ Скопје, Дајмонд Инженеринг ДООЕЛ Скопје и Ваиб Електроник ДООЕЛ Скопје, подигнувале парични средства во готово без присуство на овластените лица на наведените правни лица и подигнатите готовински парични средства ги предавале на одговорните лица на правните лица Россен центар, Розен центер, Аскинг, Д-л Бау гроуп, Делотроник, Фассион- компани, Тајмиште АД, Техно текс Ќенан ДОО Тетово и Алдинг инженеринг.

Со горенаведените инкриминирани дејствија пријавените го оштетиле Буџетот на Република Македонија за вкупен износ од 62.933.835 денари.