Обвинителството на Босна и Херцеговина соопшти дека добило две кривични пријави против директорот на Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОБА) на БиХ, Осман Мехмедагиќ, за повеќе кривични дела, вклучувајќи злоупотреба на функцијата, попречување на работата на судството и уцени.
Во пријавите против директорот на ОБА се наведува и незаконитоста на користењето на финансиските средства на агенцијата, како и незаконските дејствија и преземањето мерки и дејствија за следење и надзор кон одредени лица.
„Врз основа на овие пријави, Обвинителството на БиХ формираше два предмета, кои беа доставени до вршителите на должноста обвинители во Специјалното одделение за организиран криминал, економски криминал и корупција“, се наведува во соопштението.
Обвинителството на БиХ наведува дека соопштението е дадено по бројни медиумски истраги, кои се однесуваат на објавување на аудио снимка во сараевскиот Аваз од средба меѓу Мехмедагиќ и главната обвинителка на БиХ, Гордана Тадиќ.
Се додава дека снимката е направена нелегално, односно дека Мехмедагиќ тајно го снимил состанокот, додека од ОБА наведуваат дека снимката не е нивна, туку на Обвинителството на БиХ.