Не му верувајте на Али (Ахмети), волкот во овча кожа, порачува пратеникот од Левица Борислав Крмов.
– Додека Али ни мафта со македонското знаме за полесно да голтнеме отварање на Уставот, ДУИ ни воведуваат неуставна двојазичност во стопанството, па сега и дуќан во Берово или Струмица ќе мора да биде двојазичен или ќе биде казнет. Иако во моментов во општините каде раководи ДУИ, незаконски се веат само албански знамиња, таму инспекции нема. Со антимакедонската структура нема компромис, пишува Крмов на Фејсбук.
Инаку деновиве полни раце работа имаат производителите, увозниците и дистрибутерите на стока за широка потрошувачка. Според Законот за заштита на потрошувачите, усвоен по скратена постапка на 15 ноември и кој веќе стапи на сила, освен на македонски или на некој друг јазик, сите потребни информации за производот мора да бидат истакнати и на албански јазик. За да ја исполнат оваа обврска, компаниите мора да ангажираат преведувач, што е дополнителен и непотребен трошок во економскава криза.
На новите одредби од ЗЗП, веќе реагираа од партијата Левица од каде пластично го објаснија тоа што ги чека производителите.
-Мала локална пекарница во Берово која продава леб во Малешевскиот регион, согласно новиот закон може да се соочи со парична казна и времена забрана за вршење дејност, доколку не ја напише амбалажата на својот производ и на албански јазик. Во новиот Закон за заштита на потрошувачите, донесен во скратена собраниска постапка со европско знаменце, на сите трговци во државата се наметнува обврска амбалажите, налепниците, сертификатите, декларациите, гарантните листови и останатата документација на производите да ја испишуваат и на албански јазик и неговото писмо, соопштија од Левица.
Од партијата за Слободен печат најавуваат дека нивниот правен тим веќе го анализира законот и реагираат дека ова е првпат на приватни субјекти да им се наметнува ваква обврска. Тие ќе поднесат Предлог закон за измена на Законот за заштита на потрошувачите со кој ќе се бара враќање на обврската за информирање во претходната состојба.
-Ова е излегување од одредбите на Рамковниот договор, велат од Левица.