Пишува Дарко ЈАНЕВСКИ
‘Јас станувам оптимист. Бугарија е разурната, Тракија е жестоко нападната од Турците, во Македонија се случуваат истите ѕверства од Грците и Србите, Романците ја заземаат Северна Бугарија, а на српско-грчкиот фронт траат борбите.
Сето тоа е крајно неповолно, но уште поважно е завршувањето на конфликтот, што ће настапи во најскоро време. Сметам дека тоа ќе биде поволно за Бугарите, но жално за Србија и Грција зашто, се чини, Бугарија ќе ги ги добие сите земји на исток од Струма, а Македонија ќе добие автономија. Во тој случај Србите и Грците залудно пролевале крв, а бугарските жртви за Македонија стануваа осмислени.’
Ова се зборовите на Крсте Петков Мисирков запишани во неговиот ‘Дневник’. Запишаното е од 13 јули 1913 година кога тој се наоѓал во чифликот на Туржански, с. Клементово, близу до градот Ахтирка во Харковската губернија, каде бил принуден да замине поради нарушеното здравје. Таму дознал дека почнала Втората балканска војна и неговиот ‘Дневник’ од 5 јули до 30 август 1913 година, всушност претставува збир на импресии, размислувања и анализи што Мисирков ги имал за деновите кога судбината на Македонија, таква каква што дотогаш луѓето ја познавале, била запечатена. Неговиот оптимизам за автономија на Македонија, на само три дена пред започнувањето на преговорите во Букурешт на кои Грција го доби лавовскиот дел на Македонија, покажува дека далеку од местото на настаните, информациите често знаеле да го излажат. Но, затоа, неговата скица, неговите размислувања и сведоштво на повеќе од 300 со рака пишувани страници за тоа како дошло до поделбата на Македонија, ни даваат совршена слика за борбата меѓу големите европски сили во тоа време, пред се Франција, Русија, Австро-Унгарија и Германија, при што на терен настрада татковината на Мисирков.
АВТОНОМИЈАТА КАКО ПОСЛЕДНА ОПЦИЈА
Настаните на теренот не го оставале долго време да живее во илузија дека Македонија ќе добие автономија. Затоа, веќће наредниот ден, на 14 јули 1913 година, запишал:
‘Денес попладне, вчерашното оптимистичко расположение ме наушти. Весникот ‘Јужен крај’ објави низа крајно непријатни вести’, вели Мисирков во моментите кога всушност му станало јасно дека од идејата за автономија нема ништо, дека Бугарија е тотално поразена и дека Македонија, како што вели, ќе биде разграбена и поделена меѓу Србија и Грција.
Идејата за автономија и кај Мисирков се јавува како резултат на поразот на Бугарија во војната, кога сите во Софија сфаќаат дека Македонија е изгубена. Автономијата е последна шанса да се спаси целовитоста на земјата, со надеж кај некои кругови дека подоцна, таа ќе се припои кон Бугарија, не сфаќајќи дека токму стравот од тоа припојување, едноставно ги принудил големите сили да ја поделат Македонија и со тоа да постигнат рамнотежа на Балканот и да спречат еден ден Софија да се претвори во главен и најсилен центар на Полуостровот. Но, и без тоа, Мисирков останува верен на Македонија и денес, веројатно се превртува во гробот кога Бугарија, во Букурешт 2008 година, цврсто ја бранеше позицијата на Грција при негирањето на Македонија. Зашто кога е Мисирков во прашање, немало двоумење за улогата на Грците. На 23 јули 1913 година тој запишал: ‘Непријателите на Србите и Грците се наши пријатели, на која раса да и припаѓаат’. Истиот ден, кога преговорите во Букурешт веќе го броеле осмиот ден, го запишал и следното:
‘Весниците од 21 и 22 ќе ги прочитам по ручекот. Впрочем, тие сега не ми се интересни како порано. Јас сум мирен како порано дека Бугарите ќе успеат да ја ликвидираат кризата под достојните услови и ќе ги истераат Грците, а можеби и Србите од Македонија. Можеби дури и автономијата на цела Македонија не е далеку. Јас сум мирен затоа што се забележува пресврт на подобро во бугарските работи, во односот на Русија спрема Бугарија.’
РУСИЈА Е ВИНОВНИК
Тоа е ден кога Мисирков се уште верува дека Русија нема да дозволи поделба на Македонија и дека, ако не се успее во идејата за освојување на Македонија од страна на Бугарија, тогаш барем ќе успее намерата за автономија. Затоа, вели:
‘Грешките на руската дипломатија на времето крајно ме онерасположија и јас помислував да ја напуштам Русија и да заминам за Бугарија, сметајќи дека е невозможно да останам во служба на државата што ја сметам за виновник за несреќата на мојата татковина.’
Сепак, Мисирков не ја напуштил Русија, иако бргу се покажало дека ниту Бугарија ќе ја добие Македонија, ниту таа ќе биде автономна. Лажниот впечаток кај Мисирков за променетата улога на Русија всушност го внесува Турција: во тие денови, таа го затвора Босфор за руските трговски бродови и го напаѓа Адријанополе. Тоа создава страв во Петерсбург дека Турција ќе го контролира влезот во Црното Море и дека Русија ќе остане без излез кон Средоземното Море. Поради тоа, таа започнува да и дава поддршка на Бугарија во нејзините барања да го добие пристаништето Кавала на брегот од Егејското Море и почнува да врши притисок за повлекување на Турција од Адријанополе. Оваа позиција на Русија создава впечаток кај Мисирков дека таа ја сменила својата политика во однос кон Бугарија и се надева дека таа сменета политика ќе ја спаси Македонија од поделба, ако веќе не може да ја приклучи кон Софија. Не требало многу за Мисирков да сфати дека се лаже.
Интересно е што наспроти ова слепило да ги согледа игрите на големите сили околу Македонија, Мисирков мошне прецизно го согледал пазарот што се водел меѓу нив во тие денови кога паралелно со преговорите во Букурешт се одржувала и конференција во Лондон на која била зацртана државноста на Албанија. За ова Мисирков на 24 јули 1913 година запишал:
‘И тука кај албанското прашање, руската дипломатија претрпе жесток пораз. Еве како таа, според зборовите на рускиот дипломатски претставник во Софија, кои ги кажа во разговор со мене во ноември минатата година, си ја претставуваше иднината на Албанија:
‘Ние немаме ништо против автономијата на Албанија. Албанците се некултурни и разбојници; ќе им дадат еден кнез – по година-две ќе го убијат; ќе изберат друг, трет – ќе ги снајде истата судбина. Постојаната анархија во Албанија ќе им овозможи на соседите да го прекинат постоењето на оваа вештачка творба на европската дипломатија. Главно, сега не треба да се дозволува албанската држава да се шири: сите православни Албанци во јужна Албанија треба да поминат под власта на Грција, а значителен дел од Албанците католици – под власта на Србија и Црна Гора. Во составот на албанското кнежевство треба да влезат само Албанците муслимани и дел од Албанците каталоци.’
Така предвидуваше Русија, но инаку правеше Европа. Австрија се избори Скутари (Скадар, н.з.) да влезе во Албанија, заштитувајќи ги нејзините граници против Србија и Црна Гора. Таа го предизвика интересот на Италија за Јужна Албанија и Италија го зеде под свое покровителство одредувањето на грчко-албанската граница. На тој начин беше реализирана голема Албанија’, наведува Мисирков.
БУГАРИТЕ СЕ ПИШМАН
На 25 јули тој пишува за испуштените шанси на Бугарија кон Македонија:
‘Загубата на Македонија за бугарскиот народ е мошне забележлива и Бугарите не можат да се помират со неа. Сега многу Бугари се каат поради склучувањето на српско-бугарскиот сојуз против Турција (од февруари 1912 г. пред Првата балканска војна, н.з.). Многу Бугари жалат поради тоа што Бугарија не ја избегна војната и не се задоволи со автономија на Македонија под турско владеење. Но, тоа е сега. Кога почна војната сите беа уверени дека ће настапи светла иднина за бугарскиот народ и за целиот Балкански Полуостров.’
Наредниот ден, веќе депримираниот Мисирков, му напишал писмо на рускиот министер за надворешни работи, во кое повторно ја споменува идејата за автономија на Македонија:
‘Ваше високопревосходство! Спасете ја мојата татковина од српските и од грчките насилства! Дајте и на Македонија автономна управа. Вратете ги многубројните бегалци и бугарски свештеници истерани од Србите и Грците; по примерот на владата на Соединетите Држави, заложете се религиозна и граѓанска слобода на земјата и на нејзиното население и вратете и ги стотиците илјади бегалци и емигранти… Сега зависи од Русија дали ќе го спаси јужното Словенство од меѓусебните несогласувања во иднина и дали ќе подготви федерација на јужнословенските држави со вклучување во неа на автономна Македонија или ќе ги направи непомирливи непријатели што ќе бараат поддршка еден против друг кај несловенските народи на Балканскиот Полуостров и надвор од него’, го молел Мисирков рускиот министер за надворешни работи.
Но, наредниот ден се премислил и не го испратил писмото. ‘Не гледам смисла да се обраќам до Министерство за надворешни работи каде постар советник е Гркот Аргирополу’, објаснил Мисирков во својот ‘Дневник’. Дента ги дознал конечните услови на Букурешкиот мир и ја прочитал информацијата во харковскиот весник ‘Утро’ ‘дека поради тие услови, ‘бугарскиот наследник принцот Борис се разболел од нервно растројство’.
Сето ова ги разбива сите дилеми кај Мисирков за конечниот исход на Втората балканска војна. Вината за таквиот исход ја бара кај Русија, но и кај Франција. На 29 јули одново се премислил за писмото до рускиот министер за надворешни работи и напишал ново, во кое за улогата на Франција забележал:
‘Франција има свои интереси на Блискиот Исток, кои се различни од руските. Четирите милијарди француски пари, што беа вложени во турски вредности, Французите и без да сакаат, засекогаш ги направија туркофили. Симпатиите на Французите спрема Грција имаат посложена причина. Пред се, Грција не е словенска држава, и романските народи, Италијанците и Французите со задоволство ја вбројуваат во романските нации, обединувајћи ги во една целина – романско-грчки свет.’
Но, Италија, продолжува Мисирков во писмото, застана против Грција гледајќи во неа конкурент во Средоземното Море. Сосема друга е позицијата на Париз:
‘Франција, обратно, во сите споменати прашања, беше на страната на Грција, не само поради расни, туку и поради политички мотиви… Упорноста со која Франција ја спроведува својата блискоисточна политика може да ги пресретне добрите намери на Русија. Франција премногу ги цени своите блискоисточни клиенти Турција и Грција за да ги препушти на судбината. Таа и даде на Грција воени инструктори и ја снабдува со оружје од своите фабрики. Таа го сака засилувањето на Грција за да склучи потоа сојуз со неа за одржување на рамнотежа на силите во Средоземно Море, а исто така да го направи непотребен излезот на руската Црноморска флота од протоците во Средоземно Море. Голема Грција, која ги поседува сите острови во Егејското Море без исклучок и тракиското крајбрежје до Места (Кара-Су), зголемена со Епир, Солун, Серез, Драма и Кавала и со јужна Македонија, ќе биде сигурен сојузник на Франција против Италија, а исто така, уште поголема тапа која ќе го затвори излезот на руската флота од Црно Море. Затоа е јасно зошто Франција ги поддржуваше претензиите на Грција за време на грчко-бугарскиот спор за Солун. Од оваа гледна точка, во интерес на Русија е брзо заздравување и засилување на Бугарија по двете нејзини војни со Турција и со поранешните сојузници’, му порачувал Мисирков на рускиот министер, надевајќи се дека таквата француска политика насочена против Русија ќе го принуди Петерсбург да го ревидира Букурешкиот договор и со тоа да го спречи раѓањето на новиот балкански сојуз во кој раководни држави ќе бидат ‘несловенските Романија и Грција, но најактивен член, очигледно ќе биде Грција, која веќе ја завладеа втората престолнина на Византиската империја, Солун’.
Што се однесува до можното идно пријателство на Бугарија со Србија и Грција, по потпишувањето на Букурешкиот мир, на 5 август 1913 година Мисирков забележал:
‘Јас им се чудам на тие претставници на Бугарија, кои во Москва присуствуваа на богослужбата во Московскиот српски атински двор по повод склучувањето на мирот. Ваквите ‘претставници’ на Бугарија се непријатели на бугарскиот народ и предавници на бугарското национално дело. Пријателството со Србија и Грција значи откажување од Македонија, што е рамнозначно со самопонижување.’
Ова се само некои поенти од дневникот на Мисирков или како што тој самиот навел, од мемоарите. Ги завршил на 30 август 1913 година со извадоци од весниците што му биле достапни во тие денови кога се воделе бугарско-турските преговори за Адријанопол. Но не ја заборавил ниту Грција, па го наведува текстот во берлинскиот весник ‘Пост’ од 6 септември според новиот календар, посветен на новата положба во која се наоѓа Грција и во кој се наведува дека Тројниот сојуз – Грција, Австрија и Италија – е пред дилемата на кој начин да ја одоброволи Грција да им пристапи. Тоа се денови кога всушност се сфатило дека на Балканот се родила нова сила, токму благодарание на нејзиното освојување на Македонија. Инаку, во објавениот ‘Дневник’ се содржани 16 тетратки од Мисирков, а 17-та не е предадена на бугарскиот архив.
Русија во Балканските војни
ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА ЗАРАДИ СОЗДАВАЊЕ СОЈУЗНИЦИ ПРОТИВ АВСТРИЈА
Улогата на Русија во текот на Балканските војни, разочараниот Мисирков во ‘Дневникот’ од 27 јули 1913 година ја оценил на следниот начин:
‘Работата е во тоа што руската влада ја има предвид идната војна меѓу Србија и нејзините соседи – Бугарија и Албанија, околу Македонија. Ако границата меѓу Бугарија и Србија минуваше по должината на реката Вардар, Србија би влегувала во тесен клин меѓу Бугарија и Албанија и во случај на војна меѓу овие три држави заради Македонија, надмоќта несомнено би била на страната на Бугарија и Албанија, чии војски од двете страни би ја нападнале Србија и брзо би можеле да се соединат.
За да се спречи таа можност, а главно, по можност да се направи безопасно создавањето на Албанија, руската дипломатија реши да ги зближи Грција, Србија и Црна Гора, за тие, склучувајќи сојуз да ја ослабат Бугарија, да ја намалат нејзината територија и со нејзините земји да ги зголемат нејзините поранешни сојузници. Црна Гора би требало да биде зголемена како противтежа на Албанија, а Грција и Србија како противтежа на Бугарија… Намерите на Русија можеби оделе и подалеку. Размислувале за протоците, за Ерменија… Војната на сојузниците со Турција беше дозволена од Европа како ослободителна. Меѓутоа, Русија, раководејќи се исклучиво од сопствени интереси ја претвори во освојувачка, покренувајћи го прашањето за праведна поделба на териториите освоени од Турција…
…Војните не ги почна Русија, но затоа како освојувачи се покажаа тие што во идната војна со Австрија ќе и бидат верна потпора на Русија. Црна Гора, Србија и Романија се потпомогнати и засилени; можната сојузничка на Австрија – Бугарија е поделена и ослабена до таа мера, до која им беше потребно на ладнокрвните планови на Петербург’, навел Мисирков во еден дел од своите анализи на улогата на Русија во Балканските војни.