Јазикот не треба да претставува проблем меѓу Бугарија и Македонија и на него треба да се гледа како на проблем од минатото, смета бугарскиот новинар Николај Крстев во колумна на порталот Квадрат 5.
Крстев, кој важи за добар познавач на балканските состојби, наведува дека во моментов Србија и Грција имаат многу подобри односи со земјава отколку Бугарија, која, како што вели, „повторно е во рововите и војува со Македонија и за Македонија“.
– Сепак, тоа е независна држава, а македонскиот јазик е факт. Треба да ја прифатиме реалноста. Договорот што го склучивме пред три години сега треба да го наполниме не само со историја, туку и со бизнис, иновации и со стратегии, наведува Крстев.
Според него, Македонците немаат никого поблизок од Бугарите.
– Едноставно тоа е една млада држава и процесите се уште се развиваат. Добро е што стана членка на НАТО во месеците на пандемијата, додава Крстев.
Осврнувајќи се на изборите во земјава, Крстев наведува дека смета оти СДСМ ќе ги задржи своите позиции и дури и дека ќе ги зацврсти.
– Нивниот министер за здравство доста добро се справи со епидемијата со коронавирусот, независно што состојбата се влоши последниве денови. Во целина, избегнати се многу посериозни штети. Сметам дека Зоран Заев е многу добра варијанта за премиер na нашиот западен сосед, заклучува Крстев, кој е поранешен дописник на Бугарското национално радио од Скопје, Белград и Москва.