Претседателката на третата по големина партија во Албанија, опозициското Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), Моника Круемади изјави дека Парламентот на Албанија е нелегитмен и обвини дека власта парите наменети за субвенции за земјоделците ги користи за купување пратеници.
– Всушност, нелегимноста на Парламентот веќе стана нешто нормално за нас, бидејќи тука парадоксите станаа нормална работа. Но, сакам да кажам дека пратениците кои влегуваат во Парламентот на местото на опозициските пратеници кои се откажаа од мандатот, се купуваат со парите наменети за субвенции на земјоделците. За ова, Бог нека му прости на (премиерот) Еди Рама и на оние кои соработуваат со него, изјави Круемади вечерва по средбата со пратениците на парламентарната група на ЛСИ, кои се откажаа од мандатите.
Според неа, од друга страна, овие пратеници „ги вратат назад 400.000 Албанци кои избегаа од земјата поради тешките услови и немањето корка леб, ако овие пратеници кои нелегално влегле во Парламентот создадат можност да ги зголемат платите, да ја намалат цената на струјата, да ги намалат даноците на Албанците, ова ќе биде многу добра работа“.
На средбата со сега веќе поранешните пратеници договорени се понатамошните чекори на опозицијата и организација на партиските структури.
Круемади, која е сопруга на албанскиот претседател Илир Мета, ги повика граѓаните за поголема масовност на утрешниот протест на обединетата опозиција, што ќе се одржи пред Парламентот во Тирана, кога и пленарната седница. Според неа, овој протест „не е само политички, туку и економски протест“.