Талибанските борци вчера влегоа во Кабул, а претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата, со што заврши операцијата за брзо преземање по повлекувањето на силите на САД и НАТО.
Еве неколку факти за воениот ангажман на НАТО, започнат како поддршка на САД.
– На 12 септември 2001 година, сојузниците од НАТО по прват и единствено досега во 70-годишната историја на западната алијанса ја применија клаузулата за заедничка, по нападите на екстремистите од Ал Каеда врз САД на 11 септември 2001 година.
– Откако силите предводени од САД ги победија талибанските борци кои го штитеа основачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, организаторот на нападите на 11 септември, НАТО ја презеде командата над меѓународната коалиција во 2003 година. Целта беше да се воспостави мир во Авганистан и да се изградат безбедносни сили. Во 2015 година, мисијата позната како ИСАФ (Меѓународни сили за безбедност) беше заменета со операција за обука наречена „Одлучна поддршка“. Од април оваа година, во неа учествуваа околу 10.000 војници од 36 земји.
– Меѓународната воена коалиција претрпе повеќе од 3.500 жртви од 2001 година, вклучувајќи околу 2.400 Американци, според американскиот Конгрес. Според веб-страницата www.icasualties.org, вкупниот број на жртви е 3.577. Во судирите загинаа десетици илјади авганистански полицајци и војници.
– Присуството на силите на НАТО го достигна својот врв во 2011 година, кога во Авганистан беа распоредени повеќе од 130.000 странски војници од 51 сојузничка и партнерска земја. Од 2003 година, НАТО обучи стотици илјади авганистански војници и полиција и помогна во формирањето на авганистанските воздухопловни сили.
– Германија го имаше вториот по големина воен контингент во Авганистан по САД. Во северната провинција Кундуз, упориште на Талибанците, Германија загуби повеќе војници во конфликтот отколку во кој било друг дел од светот после Втората светска војна.
– Според американскиот Конгрес, САД потрошиле повеќе од 140 милијарди долари за вкупна помош за Авганистан од 2002 година. Пентагон проценува дека трошоците за американските воени операции, заедно со поддршката за авганистанските сили, изнесуваат повеќе од 820 милијарди долари.
– Авганистан се уште е една од најсиромашните земји во светот. Во индексот за човечки развој, објавен од програмата за развој на ОН, се наоѓа на 169 -то место од 189. Просечниот животен век во Авганистан е 64 години, а бруто националниот приход по глава на жител е 2.200 долари.